Невладини организации: Уставен судија смета дека абортусот е убиство

by Fokus 11:56
11:56

Уставен судија смета дека абортусот е убиство. Оваа е реакцијата на дел од невладините организации, откако Уставниот суд вчера пресече дека абортусот останува ограничен како што предвидува Законот за прекин на бременоста. Тие тврдат дека државата на тој начин го ограничува правото на жената и дека овој закон е деградирачки за нив.

Од таму наброија неколку примери, во кои две жени морале да носат три дена мртов плод во себе, затоа што лекарите морале да ги почитуваат процедурите што им ги наложува законот, па на тој начин животот им бил ставен на коцка.

- Advertising -

Уште поапсурден пример, за кој посочија невладините организации е кога една жена во 25-тата недела од бременоста открила дека носи бебе со џуџест раст и токму поради тие причини сакала да абортира. Но, лекарката сакала да ја убеди дека прави грешка, при што ја убедувала дека и нејзина другарка има криви нозе, па ништо не и фали, така да и таа ако го роди детето, тоа може нема да биде здраво дете, ама ќе биде паметно. Вакви примери, слични на овој редовно пристигнуваат на адреса на невладините организации.

Игор Јадровски од „Хера“ вели дека дебатата која се водела околу поднесената иницијатива не доликувала на институција, која треба да ги брани уставотворните темели на Македонија. Според него, овој закон е некомплетен и неприменлив.

– Дискусијата врз која се донесе негативната одлука изобилуваше со лични убедувања дека абортусот е убиство, потоа морални оценки, поврзувајќи го абортусот со неверство. Потоа дебатата се сведе и на идеолошки убедувања, како поврзување на абортусот со „либерални вредности“ и со истополовите бракови кои го загрозуваат одржувањето на нацијата. Зарем не сфаќаат дека животот на жените се става во опасност – истакна Јадровски.

Тој додава дека пратеничките може ќе имаат слух и ќе пробаат да го сменат Законот.

– Лекарите се под притисок и директива да го извршуваат тоа што им се налага. Постојат многу апсурди. Првостепената комисија во рамки на болницата нема никаква улога, не издава решение и препраќа директно до второстепената комисија. Таа комисија е формирана од министерот и одлучува дали може да се направи абортус. Исто така, се употребува образец за кој министерството информираше дека се уште не е изработен и не е усвоен. При пристрасното советување, жените се повикани да не ги убиваат децата, се осудуваат, односно агресивно се убедуваат да го задржат плодот по секоја цена. Сето ова преставува одлагање, поради кое жените веќе не се во можност да ја прекинат бременоста – тврди Јадровски.

Пред неколку месеци, невладиниот сектор протестираше пред Собранието, за министерството за здравство да го повлече спорниот закон, но нивните протести не вродија со плод.

 

Поврзани новости