Несреќа во Јужна Кореја: Девет рибари исчезнаа откако им се превртел бродот

by Fokus

Бродови и авиони на јужнокорејската крајбрежна стража трагаат по девет рибари, кои исчезнаа откако нивниот брод се преврте во близина на југозападниот брег на земјата.

По несреќата, која се случи синоќа во близина на островот Дебичи, тројца членови на екипажот се спасени од комерцијален брод, што се наоѓал во близина, соопшти крајбрежната стража на југозападниот град Мокпо.

Преживеаните изјавиле дека машинскиот простор на бродот многу брзо се наполнил со вода, а потоа бродот тежок 24 тони се превртел.

Американските медиуми го цитираат Министерството за внатрешни работи и безбедност кое соопшти дека седуммина од исчезнатите се државјани на Јужна Кореја, а останатите двајца се странци, но не ја наведува нивната националност.

Повеќе од 30 бродови на крајбрежната стража и најмалку осум авиони денеска се активно вклучени во потрагата по исчезнатите.

Јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јол ги повика властите да ги мобилизираат „сите расположливи ресурси“ за да ја прошират потрагата, како и да дадат поддршка на семејствата на исчезнатите рибари, соопшти неговиот кабинет.

Поврзани новости