Непријатни грешки во речникот

by Fokus

Пишува: Стојан Андов

Во следните месеци, а ќе дојде време и во следните денови ќе се водат исклучително важни преговори за иднината на земјата. Основна цел на тие преговори е да се отстрани грчкото ембарго на напредувањето на Македонија во своите аспирации за членство во НАТО и во ЕУ.

Медиумите ќе имаат многу важна улога во периодот што доаѓа. Нивна задача е објективно и точно да ја информираат јавноста, а гледам од ден на ден дека во повеќето медиуми има грешки во информирањето. Тие грешки се од технички карактер или, поточно речено, тие се состојат во давање погрешна информација за датумите на некои настани или се употребуваат погрешни термини за познати настани и категории.

Овде ќе дадам неколку примери кои ме поттикнаа да ја направам оваа моја интервенција. На пример, новинарите на речиси сите телевизии, но и некои од експертите, загреани од темата што е предмет на расправа често ја употребуваат следната реченица: ,,Македонија во спорот со името …“ се внесува забуна бидејќи Македонија нема спор со името, туку има спор со Грција за името.

Понатаму чести грешки се прават околу статусот на документите и датумите што веќе постојат, а се однесуваат на одделни фази во обидите за решавање на спорот за името. И тоа внесува одредени забуни кај луѓето. Многу медиуми објавија деновиве, земајќи ја изјавата на Заев, дека ,,Македонија го сменила Уставот во 1993 година итн“.

Точно е следното: Македонија го смени Уставот, кој беше донесен на 17 ноември 1991 година, така што Собранието на 6 јануари 1992 година донесе два амандмани со кои се појасни и се прецизира односот на нашата држава по две чувствителни прашања итн, итн. 1993 година е значајна по тоа што Македонија не го смени Уставот, а стана полноправна членка на ООН, и тоа на 8 април 1993 година.

Еве уште еден пример, од еден текст објавен во емисиите на Радио Слободна Европа:

,,Во таков случај неофицијално не се исклучува можноста за влегување во игра на т.н. дипломатски тешкаши. Иако не се прецизира кој и од каде, искуството нѐ враќа на минатото и на нам добро познатиот американски дипломатски ,,булдожер“ Ричард Холбрук, чија заслуга е Времената спогодба потпишана во 1995 година и по која Македонија во времето на Киро Глигоров и Јорго Папандреу стана членка на Обединетите нации…“

Навистина заслугите на Холбрук во создавањето и потпишувањето на Привремената спогодба имаат за нас историско значење. Но, овде Радио Слободна Европа прави две груби грешки. На пример, таа тврди дека со Времената спогодба Македонија била примена во членство на ООН, што апсолутно не е точно. Македонија во ООН беше примена на 8 април 1993 година.

Понатаму, Радио Слободна Европа вели дека Привремената спогодба била заклучена за времето на Глигоров од наша страна и Јоргос Папандреу од грчка страна. Од наша страна навистина беше Глигоров, но од грчка страна беше Андреас Папандреу, а не Јоргос Папандреу.

На Андреас Папандреу татко му се викаше Јорго Папандреу, тој е истакнат политичар, кој изигра извонредна улога во грчката историја, во 1943 година, при составувањето и усвојувањето на т.н. Либански договор, а имаше голема улога во обидите за демократизација на Грција, обиди кои беа ликвидирани од страна на хунтата 1967 година. Покрај таткото Папандреу, и синот на Андреас Папандреу е Јорго Папандреу, ама тој немаше некоја улога во заклучувањето на Привремената спогодба, туку подоцна, во власта на Костас Симитис, беше министер за надворешни работи, а потоа во политичките турбуленции во Грција едно време беше и премиер.

Односите со Грција, проблемите што се присутни се од таков карактер, особено во времето што ни претстои, па во медиумите не треба да се прави ваква збрка. Тоа значи дека, сепак, треба да се издвојат новинари што подобро ги познаваат проблемите врзани за односите меѓу Македонија и Грција, за да не бидат дезинформирани нивните читатели, гледачи или слушачи за битни прашања.

Поврзани новости