Неподнослива леснотија на министерувањето

by Fokus

Колумна на Др Владимир Лазаревиќ, Извршен директор на Хелтгрупер

Леснотијата со која јавно се соопштуваат здравствените политики, или подобро кажано обидите за креирање на здравствени политики навистина станува неподнослива.

Во оваа прилика ќе селектирам три здравствени „политики” кои ги истакнуваат недоследностите во процесот на носење на одлуки и креирање политики во здравството. Опасноста е дека честото повторување со грешките има тенденција да продолжи.

Првата тема е партиципацијата. Новата влада предводена од СДСМ уште во предизборието се заложи да ја укине партиципацијата за болничкото лекување со цел да им го олеснела лекувањето на граѓаните во болниците. Оваа најавена политика се реализираше од почетокот на 2019 година. Ние (Хелтгрупер) укажавме дека предложената мерка не само што нема да има позитивни ефекти, туку ќе направи спротивен ефект. Имено, покривањето на трошоците за партиципација со средства од државниот буџет тангира само еден аспект од концептот на партиципацијата, а тоа е да ги покрие предвидените трошоци врз основа на историските податоци.

Беше објавено дека тие трошоци се 7,6 милиони евра. Но предложеното решение всушност создава/де поголеми проблеми. Укажавме дека укинувањето на партиципацијта ќе доведе до зголемување на побарувањето на здравствените услуги, а тоа ќе се одрази на снабдувањето со здравствени услуги. Новата ситуација ќе ги принуди болниците, да воведат нивни рестриктивни мерки во форма на продолжено време на чекање за лекување, од причини што нема да може да одговорат на зголемената побарувачка. Како резултат, наместо да им помогне на граѓаните, укинувањето на партиципацијата всушност е во директен интерес на приватните болници кои триат раце од се поголемиот број пациенти кои од државното се упатуваат на лекување во приватното здравство.

Втората здравствена политика е планот за изградба на нов клинички центар. Во текот на изминатите месеци, во неколку наврати беше објавено дека темелите на новиот клинички центар ќе бидат ставени до крајот на оваа година. Леснотијата со која е дадена оваа изјава укажува дека се е подготвено и практично се чека само реализација со помош на надворешен извор на финансирање. Но дали е тоа навистина така? Од 2016 година работам како здравствен експерт за највлијателната консултантска куќа во светот на повеќе локации (Дубаи, Абу Даби, Ријад, Бангкок, Адис Абеба).

Во текот на мојата работа имав можност да раководам повеќе проекти, но проект кој ми остави најголемо влијание е изградба на нов клинички центар во Бангкок, Тајланд. Приватна инвестиција проценета со почетна вредност од околу 700 милиони долари. Инвеститорот побара од нашата фирма консултантски услуги во две фази. Во првата фаза беше развој на стратегија за новиот клинички центар (6 месеци). Втората фаза беше менаџирањето со проектот во дизајн фазата од проектот која беше планирана да трае дополнителни 12 месеци.

Поставувањето на темелите е планирано да почне кон крајот на оваа година. Со други зборови, една приватна иницијатива на едно од најбогатите семејства во Југо-Источна Азија, со целосно обезбедни средства за финансирање, со ангажирање на најврвните консултантски и архитектонски фирми им е потребно речиси 24 месеци за да може да се отпочне со поставувањето на темелите на новиот клинички центар во Бангкок. Моето искуство од тој проект, укажува дека изградбата на супер модерен клинички центар бара ангаживање на повеќе од 30 експертски тимови (консултанти и изведувачи) кои секојдневно работат со архитектите, планерите на медицинскиот, како и не-медицинскиот простор во текот на дизајн фазата, далеку пред да се удрат темелите. Сакам позитивно да размислувам и немам негативно чуство кон амбициите на Владата и министерството за здравство.

Но никако не можам да разберам како тоа темелите на нашиот клинички центар ќе се удрат до крајот на годината кога никој уште не ја видел ниту стратегијата, ниту планот, ниту начинот преку кој би се финансирал новиот клинички центар? Неверојатно…

Конечно, вчера свечено се најави, за да кратко потоа се одјави „политиката” за промена на полот во оркестрација на министерството за здравство, а финансирање од страна на фондот. Од Уставна гледна точка и согласно законските одредби не би требало да има ништо спорно во реализацијата на еден таков проект ако пациентот има основани медицински индикации (хормонални дисбаланси, и слично), а не е предмет на лична желба. Но не ми е целта да пишувам за тој аспект, туку би се осврнал на финансиските импликации. Беше објавено дека според пресметките една таква операција би чинела околу 15 илјади евра. Не беше објавено колку такви операции би се извеле годишно и колку би го чинело тоа здравствениот буџет. Тука ќе споделам друго работно искуство. Веќе две години работиме на дефинирањето на пакетот на здравствени услуги во Саудиска Арабија, земја членка на Г 20 и една од најбогатите држави во светот благодарение на природните ресурси. Кај нив гојазноста е огромен јавно здравствен проблем.

Поради тоа граѓаните бараат, а министерството за здравство ја разгледува можноста да ја воведе методата бариатрична хирургија (оперативно намалување на желудникот) со цел да им помогне на гојазните да ослабнат. За да се воведе таа интервенција ние (консултантите) правиме детални финансиски и јавно здравствени анализи кои ќе му помогнат на министерството да ги образложи прецизно и аргументирано своите ставови дали треба или не треба да се воведе како дел од пакетот на здравствени услуги ваква интервенција. Трите примери кои ги посочив за жал укажуваат дека кај нас не само што не постои планиран и систематски пристап кон креирањето на здравствените политики, туку таквиот процес е целосно кампањски, паушален и популистички. Тоа не се реформите кои граѓаните ги очекуваат и за кои се боревме.

Поврзани новости