Ненадејната смрт на синот го скрши, почина поранешниот градоначалник на Кавадарци, д-р Мицајков

by fokus

Кавадарчани денес се простуваат со д-р Манчо Мицајков, својот прв градоначалник избран од граѓаните на првите слободни повеќепартиски локални избори, одржани во 1996 година.

Тој беше специјалист орален хирург, помеѓу своите сограѓани познат како народен човек и скромен политичар, а почина на 73-годишна возраст, по кратко боледување.

-Беше едноставен човек, посветен на својата работа, сакаше да биде запаметен помеѓу своите граѓани како некој кој придонел градот да има напредок, на секое поле. Пред неколку години го скрши ненадејната смрт на неговиот син, кој почина доста млад, оставајќи зад себе сопруга и мали деца. Докторот ги помина последните години од животот во огромна болка поради загубата на синот – раскажуваат кавадарчани.

Градоначалникот Митко Јанчев изрази сочувство до неговата фамилија по повод загубата.

-Д-р Мицајков раководеше со Локалната самоуправа во бурните години на транзицијата, кога општината соочена со болните промени во општественото уредување на државно и локално ниво се соочуваше со низа на предизвици и пречки од финансиски и политички карактер. И покрај тоа Мицајков успеваше работењето да го насочи во правец на подобрување на тогаш новата актуелна реалност во менаџирањето на локалната самоуправа произлезена од примената на новите и релативно непознати законски решенија.

Но, сепак и во таквите предизвикувачки околности, Мицајков успеа да реализира неколку значајни проекти пред се во комуналното уредување како основна надлежност на општината.

Во зачетокот на новата локална демократија д-р Манчо Мицајков во корелација со тогашниот состав на првиот повеќепартиски Совет на општината го поставија темелот и го трасираа патот на идниот развој на општината Кавадарци во услови на демократија и демократско општество- изјави Јанчев.

Вики Клинчарова

Поврзани новости