Немавме нормални односи изминативе триесет години, сега мора да трчаме за да надоместиме, рече Ципрас

by fokus

Нашата посета претавува историски чекор напрад за Балканот и Европа, ние сме тука да градиме мостови, наместо да градиме ѕидови, рече грчкиот премиер, Алексис Ципрас, на прес конференција со премиерот Зоран Заев, по потпишувањето на повеќе договори и меморандуми за соработка помеѓу двете Влади.

-Вчера папата изјави оние кои градат ѕидови се затвореници на тие ѕидови, оние кои ги рушат тие ѕидови, градат мостови. Сакам да верувам дека тоа сме ние. Грција ќе ја поддржи Северна Македонија во нејзините напори да продолжи со неопходните реформи и да стане дел од ЕУ. Верувам дека овие напори ќе вродат со плод, ние ќе бидеме тука да ве поддржиме, ќе го поддржиме вашето пристапување и целиот процес – рече Ципрас и додаде дека во Владата на Република Северна Македонија бил пречекан со љубов и чувство на вистинско пријателство.

Тој ја повика македонската страна да работат заедно во промена на наративот на национална омраза и поделби.

-Мојата посета е прва официјална посета на грчки премиер во вашата земја. Изгубивме многу време, мора да трчаме, да брзаме, изгубивме три децении, мораме да ги премостиме овие јазови. Најважното прашање на денешната средба беше економијата и тоа не може да биде поинаку. Мора да забрзаеме, мора да ги премостиме јазовите од минатото. Има многу грчки претприемачии кои во моментов работат во Северна Македонија. Мојата делегација носи со себе претприемачи, повеќе од стотина, кои ќе имаат можност да разменат мислења и идеи, со цел да се постигне подобра соработка и подобри билатерални односи. На овој начин ќе ги заштитиме инвестициите и ќе избегнеме двојно даночење, што беше пречка во минатото имајќи предвид дека немавме нормални односи изминативе триесет години– рече Ципрас.

Грчкиот премиер додаде дека во иднина ќе мора да се формираат институциите кои ќе вршат надзор над спроведување на Договор. Додаде дека средбите на Комисиите задолжени за ревизија на учебниците, направиле голем чекор кон градење на довербата.

-Градиме страегиска соработка на повеќе нивоа, но за таквите односи да продолжат мора да гарантираме дека ќе имаме здрави темели дека ќе стоиме на здрави нозе. Тоа мора да вклучува взаемна почит, визија за мир и стабилност. За да имаме такви цврсти темели и тие да опстојат мораме силно да работиме за точно да го спроведуваме Договорот од Преспа. Овој краток временски период презедовме големи чекори напред, така треба да продолжиме и во иднина – рече Ципрас.

Тој посочи дека до средината на мај група експерти од двете земји ќе се обидат да најдат решенија за употребата на името во трговските марки и брендовите од двете земји.

Поврзани новости