#НемаПравдаНемаМир е новиот преговарачки виенски бал

by Фокус

пишува Кирил ЕФРЕМОВСКИ

Повеќе од една недела Скопје живее со масовни протести. Полека но сигурно, цела Македонија се буди. Колку и да се обидуваат да сатанизираат, демонизираат и омаловажуваат од попагандната машинерија на владеачките партии, на улиците се случува онаа „нова Македонија“  која говори во свое име и нужно не припаѓа кон ниту една од четирите водечки партии. #Протестирам е прво лице еднина. Новите „хулигани“ за болументата од провладини телевизии и портали се бабите и дедовците, родителите на оние кои веќе одамна заминаа на врвните светски универзитети и останаа да живеат во светските метрополи. За нив хулигани и соросоди се оние сите оние кои се уште се овде и работат во врвните болници, IT компании или реномирани светски претставништва, најдобрите студенти, вашите соседи, сите кои гледаат дека сме во ќорсокак  и чуствуваат блуткав вкус во грлата од сето општествено разнебитување.

По скопските и македонските улици се сите оние кои бараат правда и  владеење на правото. Конечно раскрстување со минатото и соодветен правен одговор за четирите поглавици, а не нивно аболицирање и неказнивост.  Од ден на ден, демократска Македонија се шири, тој глас станува вокален, сигурен и неколеблив, а гневот од неправедноста  дополнително ќе кулминира.

Автентична акција на граѓанството

Гласот за правда поттикнат од  гневот и неправдите,  во таа „нова Македонија“ тлееше долго време, а прв пат почна да се артикулира и омасовува во 2011 година со првите протести “Стоп за полициската бруталност“  и поводот од трагичното убиство на Мартин Нешкоски на главниот плоштад. Одтогаш до сега се случија многу протести по разни поводи. Незадоволството кај грѓаните растеше од година во година, а после пет години историјата како да се повторува.

Повторно е пролет. Улиците пак се полни, а директна причина за сето незадоволство повторно е Груевски и уште повеќе – целосно инсталираниот груевизам во сите пори од општеството.  Груевизмот пресонифициран во сета институционална нефункционалност, висока корупција, сервилност, во гушењето на правдата, узуприната слобода и држава од страна на врхушките на владеачките партии. И сето тоа за пари, моќ и многу пари.

Илјадниците граѓани кои деновиве масовно протестираат во десетина македонски градови, најмногу изреволтирани од срамната и за многумина правно спорна одлука за помилување на претседателот Ѓорге Иванов, изразуваат револт и гнев од целокупната политичка криза и, неодговорното политичко и морално поведение со кое истата таа криза дополнително се продлабочува, а не се решва.  #Протестирам се противи и сите подмолни планови и реални обиди на владеачката коалиција за поткопување на легитимитетот или целосно укинување на ново посеаниот институционален ембрион, кој треба да биде супститут за целото правно нефункционирање и општествено девастирање – наречен Специјално јавно обвинителство.

Граѓаните кои извикуваат „Нема правда нема мир“ се многу побројни и автентични и од некои структурирани и организирани формални политички партии, и затоа нивните барања не може и не треба овојпат да се игнорираат.

Пред потезите за идно меѓународно излоирање, нови економски и политички санкции од страна на институциите на меѓународната заедница кон Македонија, до кое што влсата не донесе, обидите на меѓународните партнери повторно да ги седнат на преговарачка маса четирите поглавици, како највиновни за дереџето до кое сме, не може да се поздрават, доколку  во испишувањето на сценариото за нов излез од кризата не се прашаат или слушнат оние кои протестираат, а не се претставени од ниту една од четирите партии.

Истите тие меѓународни претставници и „гарантори“ на некаков политичи процес за излез од кризата, овој пат не смеат да ја повторат истата грашка како пред но и за време на договорот „Пржино“ минатото лето. Доколку тие и се вистински пријатели на Македонија и соработуваат со граѓанските организации, а не само со политичките партии треба да изнајдат начин и модус и ги вклучат и нив во натамошните обиди за излез од безизлезот.

Четирите партии не можат да бидат новите актери во процес на преговори

Значењето на ‪#‎протестирам и неговиот иден развој, и со и без следните преговори во Виена нема да може да запре, бидејќи „нема правда нема мир“ е девизата под која ќе се случува новата катарза во Македонија. Новото социолошко прочистување и ослободување од прангите на груевизмот, сличните нему претходни политики, но и сето општествено девастирање кои го сведичиме минатите 20 години. Колку и да е важна и неутрална Виена во диломатијата за преговори и во меѓународните односи, Брисел и Вашингтон како први предводници на меѓународниот фактор нека разберат дека четирите партии не можат да бидат новите актери во процес на преговори налик оној  “Кери и Серверна Кореа во Виена.“

Колкаво и да биде значењето и силината на зелната маса таму, идните контури за тоа каква ќе биде иднината на Македонија треба да се договараат во Скопје, колку и да не им се допаѓа тоа. #Протестирам е многу повеќе од обидите за некаков нов “преговарачки виенски бал“, кој по многу нешта асоцира на тој во Палас во 2001-та додека во Арачиново трештеа топови.

ЕУ и САД мораат да најдат механизам и начини да вклучат и дел од претставниците на граѓанското општество – истите оние со кои работат со години, ги поддржуваат и ги користат нивните извештаи и согледувања. Одблиску и ведаш зад зелената маса каде и да бида таа, граѓанските watch-dog организации и претставниците од народот мора да бидат дел, за да не дозволат натамошни интерпретации и отстапки за тоа што, како, кој и до кога треба да спроведе и каква иднина ќе имаме сите.

На преговори не може да се оди без претходно исполнети предуслови, кои ќе бидат гаранција дека она што следно ќе се договара и испреговара ќе биде исполнето до крај. Доколку опозицијата и натаму сака да ја бара поддршката на граѓанските организации, мора доследно да го слушне нивниот глас, не утре туку денес. А, дури тоа се случи, улиците и натаму ќе бидат полни, бидејки Македонија е на нозе!

Поврзани новости