Немаат ни ,,К” од кабаре, ама за да заштедат околу 5.000 евра, бараат таква лиценца: Турбо фолк и коњопои нема во ниту едно кабаре во светот, освен кај нас!

by Fokus

По страотниот пожар во Кочани во таканаречениот клуб Пулс, зад кој останаа 59 млади жртви, а околу 200 младинци се повредени, започнаа проверките во објектите во државата кои работат како клубови, односно дискотеки и како кабаре.

Изненадувачки се податоците дека во земјава има објекти кои работат како кабаре, дури повеќе од клубови и дискотеки, со оглед на тоа што повеќето од оние објекти кои добиле лиценца за кабаре, воопшто не наликуваат на таков вид на локал.

Ширум светот, под кабаре се подразбира објект во кој се изведуваат музички, танцови и актерски точки, но и рецитали, и каде најчесто се служат ликери и вино, но и храна. Масите се за седење, а има и сепареа.

Гостите ретко танцуваат во кабаре, бидејќи пракса е да се седи, и да се следи забавната точка со храна и пијалок.
Овие локали датираат од Франција, уште од 15-от век и отсекогаш биле место каде се собираат хедонистите.

За споредба, повеќето локали кои во Македонија имаат лиценца за кабаре, се светлосни години назад од она, кое ширум светот се подразбира како кабаре.

Објекти кои во повеќе наши градови се регистрирани како кабаре, всушност се собиралишта на младината, каде воопшто нема маси за седење, туку само коњопои, покрај кои дури и нема столици, со цел да може да се собере повеќе народ. Според состојбата на терен, нема ниту место за играње, бидејќи ретко во кој објект се води грижа за дозволениот капацитет, и се пушта секој кој ќе купи влезница.

Храна не се служи, туку пијалок како на пример пиво, текила, вотка, што не е пракса во ниту едно стандардно кабаре во светот.

Околу изведбите, турбо фолк музика, како кај нас, нема во ниту едно кабаре! Нема ниту резервација за коњопој со шише виски или вотка, што кај нас се подразбира секогаш кога доаѓаат музички гости, најчесто изведувачи на турбо фолк или пак на хип хоп музика. Малолетници никаде во светот немаат пристап во кабаре, ниту пак во било каков ноќен клуб или дискотека.

Кај нас, иако законот го вели истото, дека е забранет влез на малолетници, сепак, во пракса тоа воопшто не е така. За тоа зборуваат и фактите, што помеѓу загинатите во Кочани најмладата жртва има 14 години, а дури 20 деца се повредени и хоспитализирани.

Според официјалните податоци, објавени по трагедијата од страна на Министерството за економија, во земјава има дури 17 објекти со лиценца за кабаре, а ниту еден ноќен бар!

Од нив четири се во Охрид, едно во Делчево, едно во Кичево, едно во Штип, едно во Виница, три во Куманово, едно во Велес, две во Битола, две во Скопје и едно во Кавадарци.

Според Законот за угостителство, за да се добие лиценца за кабаре, угостителот треба да поднесе барање за издавање на лиценцата и да плати до Министерството за економија надоместок за давање услуги во износ од 2.500 до 5.000 евра во денарска противвредност.

Сумата пак, за добивање на лиценца за ноќен бар изнесува од 5.000 до 7.000 евра. Ноќни барови во земјава кои имаат лиценца, во регистарот на Министерството за економија нема.

За да се добие лиценца за диско клуб или диско клуб на отворен простор, пак сумата изнесува од 7.000 до 10.000 евра.
Според регистарот, во цела Македонија лиценца за диско клуб имаат само шест објекти!

Станува збор за еден диско клуб во Гевгелија, два во Битола, два во Струмица и еден во Охрид.

Бројката од само 23 важечки лиценци за објекти од ваков тип, односно кабаре и диско клуб, чија целна група на посетители се младите генерации е поразителна за општеството.

Она кое е впечатливо, кога е типот на лиценца во прашање, е тоа што нема никаква разлика во работното време на кабаре и на ноќен клуб.

Според закон, кабаре и ноќен клуб можат да работат од 20 до 04 часот во петок и сабота, за празници работното време им е до пет часот наутро, за новогодишни празници и до шест часот. Исто така, за време на летниот период од јуни до август, како и во периодот од 25-ти декември до 15-ти февруари, можат да работат до пет часот наутро.

Диско клубовите и диско клубовите на отворено можат да работат во петок и сабота од 19 до четири часот наутро, како и за празници.
Во лето и од 25-ти декември до 15-ти февруари работното време им е од 19 до пет часот наутро, а пак за новогодишни празници работното време им е од 19 до шест часот наутро.

Со оглед на тоа што дури од 23 важечки лиценци, 17 се за кабаре, а многу од нив воопшто не наликуваат на кабаре, туку се на ниво на ноќни клубови, се наметнува прашањето дали угостителите нашле добар начин да платат значително помала сума за важечка лиценца, а да ги добијат истите работни услови, кои им следуваат на оние кои бараат лиценца за ноќен бар, во случајов, ниту една важечка лиценца за ноќен бар во цела земја.

Вики Клинчарова

Поврзани новости