Нема седење во карантин, па се враќаат странските пејачи на „Охрид Фест”!

by Fokus

По една година пауза поради пандемијата со корона вирус, годинава се враќа популарната Интернационална вечер на музичкиот фестивал „Охрид Фест” – „Охридски трубадури”. Од организацијата најавуваат одржување на настанот на 10-ти и 11-ти септември на Долни Сарај во Охрид, а концептот е Фолк и Интернационална вечер.

Лани се одржа само Фолк вечер, бидејќи гостите од странство не сакале да доаѓаат, а потоа да поминат две недели во карантин, според тогашните мерки кои беа актуелни во нивните земји. Годинава се најавени голем број на фолк пејачи, како Благица Павловска, Нино Величковски, Ирена Спасовска, Благоја Грујовски, Сани, Петар Христов… Исто така, предвидени се настапи и на поп музичари, помеѓу кои Ристо Самарџиев, „Нокаут”, Димитар Андоновски и други.

Првиот човек на фестивалот, композиторот Григор Копров најавува и посебен акцент на дебитантите, бидејќи од „Охрид Фест” голем број на музички имиња ја започнаа својата кариера во текот на изминатите 28 години, колку што се одржува настанот.

Лани, во разговор за „Фокус”, Копров изјави дека биле планирани дури 12 гости од различни земји, чие учество поради пандемијата беше откажано.

-Музичарите од регионот беа најзагрижени, бидејќи никој од нив не сакаше по враќањето од фестивалот, во својата земја да мора да седи две недели во карантин, според здравствените прописи. Сосема ги разбирам. Затоа, акцентот го ставивме на фолк вечерта. Се преговараше со десетици телевизии од регионот, да се врши директен пренос на фестивалот. Дури за прв пат во историјата на фестивалот, бевме пред потпишување на договор со грчка телевизија… Од новата реалност се обидуваме да го извлечеме најдоброто – ни изјави минатата година композиторот.

Околу тоа кои се гостите од странство кои во септември ќе настапат на фестивалот, се уште не е објавена официјалната листа. Во годините наназад, имаат гостувано речиси сите големи музички имиња од регионот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости