Нема ревакцинација во Македонија за помладите од 60 години кои примија АстраЗенека во Србија, иако дел од земјите ја одобрија за сите возрасти

by fokus

Иако Германија веќе почна да ја употребува вакцината АстраЗенека на граѓаните од сите возрасти, новите над 38 илјади дози од овој производител кои стигнаа кај нас, ќе бидат наменети за ревакцинација на граѓаните над 60 години кои веќе примија прва доза АстраЗенека. Министерството за здравство останува на одлуката оваа вакцина да се дава на граѓаните над 60 години и засега нема можност помладите кои се вакцинирале со АстраЗенека во Србија, да бидат ревакцинирани во Македонија.

-Во нашата земја со Астра Зенека може да се ревакцинираат сите граѓани над 60 години, кои примиле АстраЗенека во Србија. Граѓани помлади од 60 години вакцинирани со АстраЗенека во Србија нема да се ревакцинираат во нашата земја, објаснуваат од Министерството за здравство.

Овие граѓани нема да бидат ревакцинирани ниту со вакцина од друг производетел бидејќи сегашните препораки се вакцините да не се мешаат, односно вакцина и ревакцина се прима од ист производител. Сите граѓани помлади од 60 години кои во Србија се вакцинирале со Спутник В, Синофарм или Фајзер може да се ревакцинираат во нашата земја со вакцините од истите производители.

Иако при носењето на одлуката да се ограничи употребата на оваа вакцина македонските здравствени власти ја следеа одлуката на Германија, сега, и покрај тоашто Германија ја ревидираше одлуката, Македонија останува на претходната одлука и нема да ја дава оваа вакцина на помлади од 60 години. Од Министерството за здравство образложуваат дека ова се темели на ставовите на Комисијата за имунизација базирани на достапните научни податоци и искуства на другите земји, не само на Германија.

– Норвешка и Данска воопшто не ја користат вакцината Астра Зенека. Канада, Грција и Франција со ограничување на возраста. Комисијата за имунизација во нашата земја зазема став вакцината да не се дава на граѓани помлади од 60 години. Дополнително, вакцините кои стигнаа најголем дел ќе бидат искористени за ревакцинација на граѓани постари од 60 години кои веќе примија прва доза вакцина од Астра Зенека.

Одлуката за ограничувањето на употребата беше донесена по информациите дека вакцината АстраЗенека предизвикувала згрутчување на крвта и беше донесена веднаш откако голем број македонски државјани се вакцинираа во Србија, најголем дел со АстраЗенека. Последните информации од Европската агенција за лекови се дека не е утврдена поврзаност на вакцината со случаите на тромбоза и дека нејзините придобивки го надминуваат ризикот од употреба и секоја земја носи одлука за нејзината примена. Во Србија нема ограничувања и АстраЗенека се дава на сите граѓани, без разлика на нивната возраст.

Поврзани новости