Нема протест против најавената гасна централа, Ековита и Општина Неготино одлучиле будно да го следат процесот!

by fokus

Нема најава за одржување протест во Неготино, барем засега, против најавената инвестиција, гасна централа за согорување на отпад, откако синоќа Владата донесе Одлука за утврдување статус на стратешки инвестициски проект на Друштво за трговија и услуги „Зока енерџи солушн увоз“ од Неготино.

Во текот на денешниот ден, граѓаните бурно реагираа повторно праќајќи ја истата порака, дека во градот на грозјето нема место за отворање на фабрика за обработка на отпад од дури 48 општини, и беа во очекување на ставот на Здружение на граѓани Ековита.

Прашањето кога и каде ќе се излегува на протест, на кој уште еднаш ќе порачаат дека се против изградбата на централата, за која Ековита алармираше дека е загадувачка индустрија, беше често поставувано на адреса на здружението, но и на социјалните мрежи посветени на градот.

Сепак, барем засега, нема ништо од протестот. Како што велат од здружението, веќе имале состанок со членството и разговарале со Диме Витанов, претседател на Совет на Општина Неготино, кој бил во својство на претставник на Општина Неготино.

-Општ и заеднички заклучок на Ековита – Неготино и Општина Неготино е дека најавената инвестиција која синоќа од Владата доби статус на стратешки инвестиционен проект, е во почетна фаза и без согласност на Ековита како репрезент на граѓаните нема да се дозволи изградба на најавената гасна централа на инвеститорот ,,Зока Енерџи Солушн”. Ставот на Ековита и Општина Неготино останува непроменет, тој е да не се дозволи влез на загадувачки индустрии, без заедничка консултација и без целосно да се разгледа студијата за оценка на влијанието врз животната средина на јавна расправа каде што ќе бидат вклучени сите засегнати страни, вклучувајќи ги и граѓаните! Како и досега, Ековита – Неготино, останува посветено да се бори за здрава и чиста животна средина со будно следење на сите процеси на одлучување, кои следат!- наведуваат од здружението.

Од таму велат дека со Витанов, како претставник, донеле заклучок да остават простор за дискусија и исцрпување на сите факти и аргументи, се до добивање на официјален документ и студија за оценка на влијанието врз животната средина.

-Ековита будно ќе го следи процесот! Со факти ќе докажеме дека станува збор за загадувачка индустрија, ставот на Ековита е став на граѓаните – ни изјави претседателот на здружението, билогот Сашко Тодоров, потсетувајќи дека по настанот со Референдумот против депонија за индустриски отпад, кој и покрај собраните потписи на граѓаните не се случи, сега биле поискусни и темелно го следеле процесот, а кога ќе било потребно, адекватно ќе реагирале.

И покрај тоа што од Ековита тврдат дека ова е заеднички став со Општина Неготино, барем досега ниту на страницата на градоначалникот Тони Делков, ниту пак на официјалната општинска страница, нема ништо објавено на темата.

Вики Клинчарова

Поврзани новости