Нема притвор за Јанакиевски и Темелко, а за другите?

by Фокус 09:26
09:26

Иако се уште се чека на официјално соопштение на Основниот суд Скопје 1 каде во текот на вчерашниот ден и ноќта се испрашуваа осомничените фунционери на ВМРО ДПМНЕ за изборни нерегуларности за кои ги товари Специјалното јавно обвинителство, според сликата од терен по се изгледа нема притвор за екс- министерот Јанакиевски и градоначалникот на Пустец, Темелко. Тие двајца пред очите на новинарите рано утринава заминале со цивилни возила, што упатува на заклучок дека отпатувале дома, а не во притвор.

Што е со останатите шестима за кои обвинителите побараа притвор, а меѓу кои се Јанкуловска, Божиновски и други осомничени за местењето избори? Синоќа, ако воопшто биле во судо,т новинарските објективи не можеа да ги забележат. А ги немало да се појават и по завршувањето на распитот. Со оглед дека никој не даде изјава за медиумите, ниту осомничените, ниту адвокатот на власта Додевски, додека судот не објави соопштение остануваат многу нејасни прашања.

- Advertisements -

На судот ќе му требаат навистина силни аргументи да ги оправда одлуките да нема притвор затоа што ако се следи прес конференцијата на специјалните обвинителки и наводите што ги пласираа тогаш навистина се работи за сериозен криминал, па нејасно е како судот ги ослободил. Судијата на претходна постапка ќе има сериозна мака како да ја оправда точката „влијание врз сведоци“. Специјалното обвинителство објави дека сведоците во процесот одамна се под притисок на власта и дека некој мора да ги заштити, но како со ваквата одлука на судот? Во превод тоа значи дека ако Јанакиевски, Јанкуловска и нивните партиски соработници со кои местеле избори останат на слобода многу лесно ќе ги заплашат сведоците и ќе ги натераат да се откажат од сведочење.

Друга дилема е зошто претходно утврдените правила на игра не се применија и за овие лица? Зошто не беа уапсени од специјалци? Зошто не беа донесени во судот со лисици? Зошто не им е одреден притвор кога тоа според вмровски терк се одредуваше и за криминал од пет евра? И секако, на крајот, сега навистина се отвори прашањето дали на Македонија и треба и специјален суд затоа што многу тешко дека ваквото судство во кое доминира партијата на Груевски и кое и натаму функционира пристрасно ќе успее и ќе настојува да имаат правна завршница предметите против власта, па колку и да е криминалот очигледен.

Поврзани новости