Нема потреба од нов предлог-закон за државјанство, нашиот е веќе во Собрание, велат АА и Алтернатива

by Fokus

Нема потреба од нов предлог-закон за државјанство, кога нашиот предлог е веќе во собраниска процедура, велат од коалицијата на Алијанса за Албанците (АА) и Алтернатива.

На прес-конференција денеска тие порачаа дека вчерашните изјави на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски со кои се најавува дека ќе поднесат нов-предлог закон или измени во Законот за државјанство, се непотребни и имаат за цел да го попречат носењето на нивниот предлог-закон.

-Цениме дека е апсолутно непотребно да се предложи нов предлог-закон кога се знае дека сите политички партии СДСМ, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, преку нивните пратеници во Собранието со амандмани можат да придонесат за еден квалитетен закон и конечно решение за еден многу важен проблем со кој се соочуваат голем број на наши граѓани, велат од коалицијата на АА и Алтернатива.

Тие бараат од СДСМ како политичка партија јавно да каже дали го поддржува законот, а од заменик-министерот во МВР, Назим Буши од ДУИ, бараат да си поднесе оставка од морални причини поради деградирање на албанскиот гласач.

-После вчерашната изјава на Оливер Спасовски дека негативното мислење на МВР ја има поддршката и на неговиот заменик Назим Буши од ДУИ, бараме од ДУИ да се изјасни дали има промени во нивниот став во однос на предлог -законот за кој првично се изјаснија дека го поддржуваат, и исто така бараме од ДУИ објаснување, дали министерот Спасовски зборува и во име на ДУИ, бидејќи вчера добивме таков впечаток од начинот како се однесува спрема неговиот заменик, Назим Буши, велат од АА и Алтернатива.

Оваа коалиција во декември 2020 поднесоа предлог-закон во парламентот со кој, меѓудругото, се предвидува македонско државјанство да може да се обезбеди со изјави на три лица кои ќе сведочат дека барателот живеел на територијата на земјава од 8 септември 1991 година. Другата опција е изјава на само едно лице што во тој период било жител или сè уште живее во местото во кое живеел барателот.

Вчера, таквиот предлог-закон го коментираше Спасовски оценувајќи како политички памфлет и рече дека од него не може да се сфати што сакаат предлагачите, како и дека не нуди трајно решение. Министерот посочи дека ваков закон исклучиво надлежност на МВР и не може да се очекува дека некој од надвор треба да даде законско решение.

Тој посочи дека ставот на раководството на МВР е дека треба да се направат измени во Законот за државјанство за да може да се дозволи на оние кои од објективни причини не можеле, сега да добијат државјанство, но при тоа и да се заштита националните и државни интереси. Врз основа на ваквиот став, рече Спасовски, се разработуваат можни варијанти за законските решенија.

 

Поврзани новости