Нема пари за фустан и авионска карта за убавицата: Македонија и годинава без Мис!

by Fokus

Македонија и годинава, по трет пат нема да има своја претставничка на изборот за ,,Мис на свет” кој утре ќе се одржи на островот Санија, во Кина.

Причината поради која немаме наша претставничка на најпрестижниот избор за убавина, традиционално се финансиите. Сопственичката на лиценцата, Лидија Велковска, во повеќе наврати изминативе години појаснуваше дека немањето на доволно финансиски средства, за да се учествува достоинствено на изборот, се причина да не испратиме наша претставничка.

Скапите тоалети, авионските билети, рекламните материјали и останатите трошоци околу целата организација, најчесто беа наведени како причина поради која Македонија не може да си дозволи учество на ,,Мис на свет”.

Велковска, која е поранешна Мис на Југославија и во 1975 година на изборот ,,Мис на светот,, во Лондон го освои четвртото место, во претходно интервју раскажа дека и е потребна финансиска помош, а ниту една државна институција не и излегла во пресрет, со цел да ја промовираме нашата убавина според сите стандарди. Македонија ја имаше својата последна претставничка на Мис на свет во 2015 година, моделот Емилија Розман, која Велковска ја испрати на настанот по свој избор.

Во годините наназад, таа во неколку наврати јавно апелираше до власта дека и е потребна финансиска помош за да може да има достоинствено претставување на земјава. Пред околу пет години, Велковска преку медиумите се обрати до сопругата на Претседателот Ѓорѓе Иванов, Маја Иванова, и апелираше дека и е потребен државен буџет од околу 35.000 евра за домашниот избор, но од кабинетот на претседателот одговорија дека нема да ја поддржат манифестацијата.

-Како што спортистите не претставуваат со гордост низ целиот свет, како што тоа го прават фолкерите и поп пејачите, исто е и со мисиците. Уморна сум секоја година да гледам како се прави циркус од домашниот избор, како постојано сум посочувана како главен виновник што изборот поминал на ниско ниво, па затоа еве јавно апелирам до заинтересираните министерства, а секако и до госпоѓата Маја Иванова која што доста ја почитувам, да се најде трајно решение и да ми се помогне. Со само околу 35.000 евра годишно, јас ќе можам да го организирам целиот настан како што доликува. Не сакам да се пишува за случки како на пример дека мисицата немала фустан за изборот, дека немаме доволно финансии да и купиме авионска карта и слично – порача тогаш Велковска.

Вики Клинчарова

Поврзани новости