Нема место за шпекулации дека мајка ми болна одела на работа, вели синот на заразената медицинска сестра од Неготино

by Frosina Fakova

Во тек на вчерашниот ден од Министерството за здравство беше потврден првиот регистриран случај на здравствен работник во Неготино, позитивен на Ковид-19. Станува збор за медицинска сестра од Итната помош во ЈЗУ Неготино, жена на возраст од 57 години, која со благи симптоми е на домашно лекување.

Пациентката која целиот свој работен век го помина во болницата во градот помагајќи им на болните, позната е помеѓу своите сограѓани како доста посветена, професионална и совесна личност.

Вчера, по објавата на нејзиниот позитивен резултат од Центар за јавно здравје Кавадарци информираа дека се утврдуваат нејзините контакти, и дека се уште немаат точна информација кога последен пат медицинската сестра била на работа, бидејќи во тек беа епидемиолошките анкети.

Ристе Ристов, син на здравствената работничка, кој веќе подолг период живее и работи во Малта, го контактираше „Фокус” со цел да ја сподели хронологијата на настаните поврзани со болеста на неговата мајка, затоа што, вели дека не сака да се остава простор за шпекулации и да се шират невистини во врска со случајот.

-Неготино е мало место, каде речиси сите меѓусебно се познаваат. Имаме разбирање за стравот кај граѓаните поради корона вирусот, и во согласност со мајка ми решив јавно да раскажам за случајот. Во семејството имаме повеќе здравствени работници, мајка ми која долги години работи во болницата, сестра ми која е медицинско лице во Англија, моја блиска братучеда… Свеста по повод пандемијата ни е на високо ниво и препорачаните мерки на заштита за цело ова време се почитуваат максимално од страна на нашето семејство, бидејќи здравствените работници треба да бидат светол пример во екот на епидемијата.

Мајка ми не оди на работа од минатата сабота. Во неделата ги почувствувала првите симптоми, по што се јавила на работното место и ги известила колегите. Кај матичниот лекар се јавила во понеделникот, а во вторникот и беше земен брис. Позитивниот резултат го доби вчера, во саботата, и за целото време од појавата на првите симптоми таа според законските процедури, не ја напушти куќата и остана во домашна изолација, не изложувајќи никого на ризик – појаснува Ристов, кој бил во секојдневен телефонски контакт со семејството.

Додава дека мора да се подигне јавната свест за вирусот, дека нема место за криење, туку сите транспарентно треба да излезат во јавност, со цел народот да биде точно информиран.

-Претпоставка на мајка ми е дека се инфицирала на работното место. Имала контакт со две сомнителни лица, едниот случај е со повреден бегалец, а пак другиот со повозрасен човек со покачена температура, кој требало да има операција.

Здравствените работници се во првата борбена линија кога е Ковид-19 во прашање, во моето семејство свеста по тој повод е доста развиена, па затоа и се навремено превземени сите мерки со цел да се заштити заедницата- вели синот на медицинската сестра.

Додава дека искрено се надева како вирусот не е пренесен на други лица, и апелира да не се потпаѓа под шпекулации.

-Вистината е дека мојата мајка свесно никого не го загрозила. Нема место за шпекулации дека болна одела на работа, на место каде секојдневно доаѓаат голем број на пациенти. Уште по првиот симптом е повлечена дома, и тоа е чекор кој секој кој се сомнева дека е инфициран треба без размислување да го направи. Ние сме горди на неа и на нејзината совесност и грижа за заедницата и колективното здравје. Изолирани се нејзините блиски контакти, сите лица засега се без симптоми, во добра здравствена состојба. Короната може да му се случи на секој, посебно на медицинарите кои се изложени на огромен ризик, и покрај заштитната опрема. Најважно е да се покаже свест, да нема криење, и да се биде транспарентен – изјави Ристов.

Колегите на медицинската сестра вработени во ЈЗУ Неготино, исто така на социјалните мрежи и ја дадоа својата поддршка и и порачаа добро здравје. Сите тие, како и пациенти кои некогаш биле во контакт со неа поради нивно лекување, во тек на долгите години откако таа работи во здравството, имаат само пофални зборови за нејзината професионалност и човечност.

Во Неготино ова е единаесетти случај на корона вирус.

Вики Клинчарова

Поврзани новости