Нема да остане неоткупено грозјето во Тиквешијата, без разлика на ниската шеќерност

by Fokus

Три приватни винарии изминативе денови вршат откуп на грозје со слаба шеќерност во Тиквешијата, кое ќе биде преработено во дестилат. За истото, лозарите добиваат од четири до три денари за килограм, во зависност од малиганите, плус државни субвенции од осум денари за килограм.

Сепак, на откупните пунктови каде се собира грозјето наменето за дестилат, во тек на вчерашниот ден беше стопиран откупот, што предизвика револт кај лозарите кои со часови чекаа со натоварените тракторски приколки и камиони. Имаше најави за протести и за истурање на грозјето, по што на откупните пунктови интервенираше и кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев. Со цел да се наминат проблемите и да биде откупено целото грозје кое пристигна на пунктот, тој остана до раните утрински часови и го следеше целиот процес. Денес, вели дека продолжува на откупните пунктови во Неготино, каде состојбата исто така е доста напната, а преморени лозари по цела ноќ чекаат со натоварените трактори.

-Во Кавадарци продолжи откупот на грозје со ниска шеќерност, цената, заедно со субвенциите се движи околу 11 до 12 денари за килограм. Не смее да остане ниту едно зрно непредадено, мора да се реши проблемот на лозарите и да се цени нивниот труд. Од Неготино доаѓаат голем број на поплаки, луѓето имаат реален проблем и денес заминувам на тамошните откупни пунктови. Мора да се интервенира, да се откупи и чесно да се плати секој килограм грозје, бидејќи ова е лозарски крај и егзистенцијата на голем број на семејства зависи од оваа гранка – за ,,Фокус” појаснува градоначалникот.

Тој утринава до пет часот го надгледуваше откупот, а сега веќе е на пат кон Неготино. На нашето прашање како може физички да постигне да биде присутен секаде каде луѓето имаат проблем, вели дека тоа е дел од неговата работа и не смее да си дозволи во овој период, во ек на гроздобер, да се случуваат пропусти на штета на народот. Лозарите пак, се загрижени поради најавата за лошо време и брзаат да завршат со бербата и да го предадат родот.

-Не е ниту важно дали имам време за одмор сега, кога илјадници семејства се во неизвесност. Грозјето не може да чека, политичарите мора да интервенираат и да покажат дека се покрај својот народ во овој период кога тоа е најпотребно. Кога можат лозарите да чекаат со денови и ноќи пред пунктовите, не гледам зошто и функционерите не би можеле да бидат таму, како нивна поддршка. Добро е што грозјето кое поради лошите временски услови нема шеќерност ќе биде откупено, ова се реални проблеми кои сите заедно мораме да се потрудиме да ги решиме, во интерес на сите е. Се надевам дека денес ќе се надминат недоразбирањата и во Неготино – ни изјави Јанчев.

Вики Клинчарова

Поврзани новости