Некој на забава, некој во болницa: За една недела 353 лица инфицирани со Ковид-19 во Тиквешко!

by fokus

Во изминативе седум дена само во Кавадарци се регистрирани нови 221 случај на Ковид-19. Во Неготино во изминативе седум дена се инфицираа 132 лица, односно за само една недела бројот на нови случаи во Тиквешијата изнесува 353.

Наспроти овие загрижувачки бројки, деновиве на интернет страниците посветени на регионот се споделува видео од свадбена забава која се случила во Кавадарци. Според објавата, веселбата се одвивала во населбата Белка.

Голем е бројот на граѓани кои се доста релаксирани во поглед на пандемијата и продолжуваат со старите животни навики, одбивајќи барем привремено да се откажат од дружбите и социјализацијата.

-Срамота е ова, ние изгинавме, а некому до забави му дошло! И потоа, лекарите ли се криви кога пред болниците ќе се создадат колони од болни? Од март апелираме, личните задоволства да не се ставаат пред општествената одговорност во време на пандемија, оти на крај излегува од забава да се заврши во болнички кревет – вели лекар од кавадаречката болница во чиј склоп веќе два месеци функционира ковид одделот.

И денешните податоци од Центар за јавно здравје Кавадарци не се за занемарување. Од 12 до 75 години имаат новите 73 лица позитивни на корона вирус од Тиквешко. Дури 49 од нив се од Кавадарци, 20 од Неготино, и по две лица од Росоман и од Демир Капија.

Помеѓу нив има двајца здравствени работници од Кавадарци.

И во ковид одделот во кавадаречката болница деновиве бројот на хоспитализирани пациенти е зголемен. Вчера имаше 39, а денес 46 лица. Во тек на вчерашниот ден почина пациент на 79 години, а пак денес од ЦЈЗ Кавадарци информираат за почината жена од Неготино.

Вики Клинчарова

Поврзани новости