Неговата слобода е слобода за новинарството: И јас сум Кежаровски

by Фокус

Новинарските здруженија денеска го изразија револтот пред Аплеациониот суд во Скопје од одлуката со која на новинарот Томислав Кежаровски му беа одредени две години затвор, односно намалена првичната казна од четири и  пол години. Во вторник пак, новинарите ќе излезат на голем протест со цел да ја вратат слободата и за Кежаровски и за новинарството.

Насер Селмани од ЗНМ порача дека новинарите нема да замолчат се додека не ја ослободат професијата и колегата Кежаровски.

„Со пресудата му пресудивте на новинарството. Наместо слобода судот избра политички да калкулира. Наместо да се штитат правата на новинарот Кежаровски, и човековите и професионалните, судот како да се пазарел за казната. И еден ден во затвор за новинар е строга санкција. ВО случајов уште повеќе кога знаеме дека Кежаровски е невин. Судот избра да ја оправда постапката на државата со која е загрозена нашата слобода“- изјави Селмани.

Тамара Чаусидис од ССНМ ги повика сите новинари и граѓани во вторник да излезат на протестот и да се солидаризираат со семејството на Кежаровски и да испратат порака дека новинарството не се откажува од слободата.

„Нека станат сите кои ги фатила дремката, нека сфатат сите дека вака не може повеќе. Наместо слобода и професионионалност, тие се обидуваат да не замолчат. Пресудата за Кежаровски е пресуда против новинарството. До кога ќе молчиме и нема да кажеме дека новинарството е токму тоа- критика и разобличување на власта“- рече Чаусидис.

Инаку, Апелација донесе одлука со која затворските казни на обвинетите во „Ликвидација“ им се намалуваат. Но тоа не е доволно за новинарите кои веруваат во невиноста на Кежаровски и сметаат дека одлуката е политичка.

Поврзани новости