Неготино се гушеше во чад цела ноќ: Дали и кој ја пали градската депонија?

by fokus

Од синоќа гори градската депонија Дуброво, Неготино, а екипи на Противпожарната служба од градот, како и ЈП Комуналец се обидуваат да го стават огнот под контрола.

Доцна синоќа, тешка миризба и чад ги вознемири граѓаните, кои стравуваат за своето здравје, бидејќи не е прв пат да се запали депонијата. Од ТППЕ Неготино, во телефонски разговор за ,,Фокус” синоќа изјавија дека нивните екипи се на терен и се обидуваат да ги стават пламените под контрола, но и дека чуварот на депонијата не им јавил на време да започнат со гаснењето на пожарот.

Депонијата се наоѓа на околу пет километри надвор од градот, а екипа на ,,Фокус” синоќа беше на самото место, откако голем број на граѓани реагираа поради настанот. Поради ветерот, но и големата површина зафатена од пламените јазици, гасењето се одвива тешко.

-Девет ФАП цистерни од ТППЕ синоќа беа употребени за гасење на депонијата, од утринава уште три. Се уште се работи на терен, во гасењето е вклучена и екипа на ЈП Комуналец – изјавија од Противпожарната единица во градот.

Од ЈП Комуналец, потврдуваат дека се уште се гаси депонијата и како пред околу три години претпријатието поставило своја водоводна линија таму, со цел полесно справување со пожарите, кои не се реткост кога е депонијата во прашање.

Директорката на ЈП Комуналец, Марина Бојаџиева за ,,Фокус” вели дека нивните работници се на терен и се надева дека пожарот во тек на ден ќе биде ставен под контрола.

-И лани во неколку наврати беше запалена градската депонија, и очекувани се реакциите на граѓаните. Случаите се пријавуваат во полиција, имавме сомнеж, односно дури и сознанија дека намерно се пали депонијата, бидејќи откако ќе изгори сметот, луѓе кои собираат старо железо, полесно можат да дојдат до него. Имаме чувар на депонијата, но ете, за жал, се случуваат и вакви настани кои се евидентирани кај надлежните органи.
Токму поради тоа и ја поставивме водоводната линија, за да можеме на време да реагираме за време на вакви, немили настани.

Поради пандемијата, има големи количини на ѓубре на депонијата, многу граѓани чистеа, реновираа, се собира многу отпад… Жешкото време е плус фактор, но верувам дека состојбата за кратко ќе биде ставена под контрола- вели директорката.

Таа појаснува дека свеста на народот мора да биде на високо ниво кога е оваа тема во прашање, но и додава дека досега никој не бил изведен пред лицето на правдата, односно никој не бил осуден поради палење на депонијата.

-Уредно е пријавен секој пожар кој се случил на депонијата. Тоа се податоци кои ги имаат надлежните служби, и понатамошното постапување не е во раце на ЈП Комуналец. Се трудиме да го дадеме својот максимум, и не е коректно кога граѓаните не напаѓаат на социјалните мрежи. Нашата екипа е на самото место од вчера – вели Бојаџиева.

Околу тоа што се случува со отпадот на депонијата, бидејќи не е сортиран, и на кој начин се уништува, таа вели дека процедурата е иста како и во речиси сите општини во земјава. Сметот се засипува со слој на земја.

Од Здружението на граѓани Ековита од Неготино, синоќа извршиле мерење на загаденоста на воздухот и апелираа до граѓаните да не излегуваат од дома, бидејќи биле регистрирани дури 309 ПМ честички во воздухот.
Покрај состојбата со запалената депонија, од ЈП Комуналец излегоа и со известување до граѓаните да ја користат водата за пиење рационално, бидејќи поради високите температури ќе има рестрикции од 23.00 до 05.00 часот наутро.

Вики Клинчарова

Поврзани новости