Неготино ќе го слави Светскиот ден на водата со музички бендови!

by fokus
Неготино, градот кој повеќе од две децении мака мачи со дневните и ноќни рестрикции на водата за пиење, вечерва на градскиот плоштад со музички бендови ќе го одбележи Светскиот ден на водата. Како што информираат од општината, настанот ќе започне од 18 часот и ќе трае до 21 часот.
-Проект „Заштита на водните ресурси со намалување на човековото влијание врз животната средина (wa-mbrella). Во рамките на проектот „Заштита на водните ресурси со намалување на човековото влијание врз животната средина“ (wa-mbrella), кој е финансиран во рамките на ЕУ (ИПА) Програмата за прекугранична соработка со Грција, ЈП Комуналец Неготино во соработка со Општина Неготино и организаторот на настанот О3 Инвест, годинава го одбележуваат Светскиот ден на Водата и во Неготино. Настанот предвидува организација на музички хепенинг и други уметнички креативни активности кои ќе се одржат на 22 –ри март од 18:00 до 21:00 часот на Градскиот Плоштад во Општина Неготино. Светскиот ден на водата, кој се одржува на 22-ри март секоја година, се фокусира на огромната важност на водата.
Овогодинешната тема, „Не оставаме никој зад себе“, го адаптира централното ветување од Агендата за одржлив развој од 2030 година, која вели дека како што напредува одржливиот развој, сите треба да имаме бенефит. Една од најважните цели на Агендата за одржлив развој е кристално јасна: вода за сите до 2030 година. По дефиниција, тоа значи дека не оставаме никој зад себе. Но денес, милијарда луѓе сеуште живеат без вода – нивните домаќинства, училишта, работни места, фарми, и фабрики се борат да преживеат и да успеат. Маргинилизираните групи – жени, деца, бегалци, лицата со посебни потреби и многу други – се често занемарени и понекогаш дискриминирани во нивните обиди да дојдат до пристап до чиста вода која им е потребна. Овој светски ден на вода, 22 –ри март, се однесува на справување на кризата со водата со адресирање на причините зошто толку многу луѓе се занемарени.
На настанот ќе настапуваат следните групи: 1. Бонгас енд гитарс 2. Смиле 3. Бадасал 4. Епидемија 5. ДЈ Алекс На овој ден ќе бидат промовирани трите графити кои се изработени од страна на познатиот артист Младен Трендевски, кои го симболизираат Светскиот ден на водата, како и моменталната состојба со недостиг на вода на светско ниво. Ве покануваме да бидете дел од овој настан и заедно да го одбележиме овој ден. На градскиот плоштад веќе се поставува бина, озвучување и осветлување, а добар дел од граѓаните се изненадени и сметаат дека Неготино е последното место каде треба да се одбележува Светскиот ден на водата, поради фактот што градот буквално преживува без вода во 21-от век. Рестрикциите се редовна практика посебно во тек на лето, кога се случува од чешмите во домовите на неготинчани да тече вода само по неколку часа во тек на едно деноноќие.
Граѓаните со подлабок џеб си го решија проблемот со поставување на хидрофори, додека останатите чекаат надлежните да го решеат деценискиот проблем. Пред секои политички избори, традиционални се ветувањата од сите партии дека проблемот со недостигот на вода во Неготино ќе замине во историјата, но секнатите чешми се уште се секојдневие на неготинчани.
Вики Клинчарова

Поврзани новости