Неготино, градот каде Тоше ги заработи своите први 100 евра

by fokus

Вчерашниот ден во земјава помина во знакот на легендарниот Тоше Проески, кога се одбележаа дванаесет години од неговата трагична смрт. Во повеќе градови се одржаа културни и спортски активности посветени на музичката ѕвезда, се споделуваа негови песни, концерти и емисии и народот му оддаде почит на социјалните мрежи.

Пејачот по потекло од Крушево и стана познат на јавноста во далечната 1997 година, кога ја сними песната „Пушти ме” која веднаш стана хит. Тогаш имаше само 16 години. Малкумина знаат дека во времето пред да се стекне со национална, а потоа и Балканска популарност, Проески се трудел да започне со градењето на својата кариера настапувајќи по дискотеки, како и повеќето негови колеги.

Својот прв настап, уште во годините кога не и беше доволно познат на јавноста го имаше во Неготино, во дискотеката и ноќен клуб Акрополис. Среќен поради шансата која што му ја пружиле сопствениците на клубот, да запее пред публиката и да го заработи својот прв хонорар, како младо момче кое е на прагот на освојувањето на сцената, тој никогаш не ги заборави своите први почетоци и луѓето кои верувале во него. Беше чест гостин во Неготино, каде што стекна многу пријатели, со кои остана близок се до крајот на животот.

Кратко по неговата смрт, сопственикот на дискотеката, Петар Верманцелиев и неговата сопруга Елизабета, во интервју ни раскажаа за првата средба со Тоше, за неговата искреност, чесност, благодарност за првата шанса за јавен настап, но и за пријателството кое се родило помеѓу нив.

-Беше доста скромен, пееше од се срце. Кога му кажавме дека може да го договориме настапот во дискотеката, кој беше негов прв настап на такво место, се радуваше како дете. Не трогна таа негова искрена радост, благодарноста… Хонорарот изнесуваше околу тогашни 200 марки, и тој чесно си ги заработи. Беше пресреќен што настапи пред публиката, но всушност, ние бевме среќните што ја имавме честа да ни пее. Соработката ни продолжи, но ни се роди и големо пријателство – раскажуваа Верманцелиеви пред 12 години, по смртта на Проески.

Подоцна, за медиумите, и неговиот зет за сестра, Славен Ристески, се сеќаваше за случката, за тоа со каква радост и гордост Тоше им кажал на домашните дека ете, дочекале тој да заработува од пеењето.

Откако го „скрши” мразот на првиот настап, Тоше редовно доаѓаше во Неготино. Отворен и приземјен, тој лесно стекна многу пријатели во малиот град во Тиквешијата, со многу од нив со години и летуваше заедно, беше прифатен од сите, како и самиот да се родил во Неготино. Таму ја запозна и својата голема љубов, тогашниот модел Благица Мицова, со која помина осум години, со кратки прекини.

Веста за неговата смрт во Неготино беше дочекана со неверување и во негова чест речиси во сите локали се пуштаа неговите песни. На неговото последно испраќање присуствуваа голем број на неготинци кои во текот на неговиот краток живот ја имаа можноста да се дружат со него, и за него се уште кажуваат – Тоше, па тој си беше наше дете.

Вики Клинчарова

Поврзани новости