Неготинец нуди парична награда за откривање на пироманот кој му ги изгорел викендичките!

by Fokus

Ова тешко кривично дело најверојатно е извршено на Нова година. До темел се изгорени двете викендички, од кои едната беше од дрво, додека пак другата беше контејнер. Направена е огромна материјална штета, не остана ништо ниту од викендичките, ниту од покуќнината – за „Фокус“ раскажува Борче Китановски од Неготино, кој случајот го пријавил во полиција на трети јануари, откако дошол во викендичките и ја затекнал страшната глетка.

Појаснува дека многу често заедно со свои пријатели, ловџии престојувал таму. Лоцирани биле на планината Кожуф, демиркаписко, на околу 47 километри од Неготино, покрај реката Дошница. Во близина се наоѓале и таканаречените Кинески колиби, но и густа шума, која за среќа не била зафатена од пожарот.

-Од она кое го знаеме, пироманот дошол со возило, џип, до Кинеските колиби, има траги од гумите. Ова е неверојатна дрскост, да се запалат викендички, да се направи едно вакво злодело и ваква штета. Јас со никого не сум се скарал или замерил, несфатливо е како некој можел ова да го стори. Предизвикал голема општа опасност, можела да изгори целата шума! Полицијата работи на случајот, но истовремено сакам јавно да апелирам до јавноста, доколку некој има било какви сознанија за настанот, било каква информација која би довела до откривање на пироманот, да ми се јави. Следува парична награда за оној кој има информација која ќе не донесе до сторителот на ова грозно дело. Викендичките беа еден вид на ловно собирно место, и сите ловџии кои со мене доаѓаа овде се во шок од настанот. Замолувам секој кој има било каква информација да ме побара на 076 541 969 или веднаш да пријави во полиција. Не смееме да дозволиме вакви работи да се случуваат- изјави Китановски.

Од СВР Велес го потврдија случајот и информираат дека се превземаат мерки за негово расчистување.

Вики Клинчарова

Поврзани новости