Неготинчанка која била нападната од партнерот, покренува проект против насилство над жените во соработка со Холандија!

by fokus

Секоја трета жена во Македонија е жртва на семејно насилство, открива истражување на Националната мрежа против насилство и семејно насилство, но и покрај овие алармантни бројки, честа пракса е насилниците да не се пријавуваат, а изживувањето да се толерира.

Срам од околината, страв од предрасуди, финансиска зависност и немање на свој кров над глава се најчестите причини поради кои жртвите избираат да молчат, и не се осмелуваат да го пријават насилникот во полиција.

Сепак, како што раскажува нашата соговорничка, Андријана Пармацка, 44-годишна жена родена во Неготино, а која живее и работи во Холандија, водена од своето лошо искуство со поранешниот партнер, 54-годишен маж од Кавадарци, жените во Македонија не смеат да молчат и треба јавно да зборуваат за проблемот.

Вели дека веќе со години наназад живее во Холандија каде што работи како козметичарка во своја фирма, има среден живот, и никогаш не очекувала дека може да биде жртва на физичко насилство, како што и се случило кога пред околу четири месеци дошла во Македонија.

-Јас сум мајка на две деца, по потекло од Неготино, а со живеалиште во Холандија. Имам своја фирма, независна сум. Една година бев во врска со маж од Кавадарци, кого го познавам цели 23 години. Тој беше кај мене во Холандија два месеци, а на 30-ти мај заедно со него, со ќерка ми и татко ми, со автомобил дојдовме во Кавадарци.
Бев уморна од патот и легнав да одморам.

Поранешниот партнер остана на балконот, каде пиеше алкохол. По половина час влезе во спалната и ми го побара телефонот. Му реков да провери во другата соба, но за кратко тој повторно влезе во спалната, со телефонот во раце, разлутен бидејќи телефонот ми бил блокиран.

Како што лежев, тој буквално ме грабна и ме фрли во ѕид. Кога паднав на земја продолжи да ме удира со тупаници, па во еден момент ме фати за врат и започна да ме дави. Дојде ќерка ми, во паника ѕвонеше кај внука ми по помош, во тие мигови гледавме само да побегнеме. Успеав да ги земам клучевите и заедно со ќерка ми заминавме кај татко ми – раскажува за ,,Фокус” Андријана.

Физичкиот напад врз неа завршил со повеќе повреди. Вели дека имала две скршени ребра, напукната протеза, а траумите и останале и нејзе, но и на ќерка и.

-Тогаш, по нападот не го пријавив случајот во полиција, бидејќи заканите беа огромни, но сега сме на суд. Пријавив во Кавадарци и во Неготино, во Центар за социјални работи, исто така бевме и на суд, за да се изрече забрана за приоѓање, бидејќи заканите беа навистина застрашувачки.

Премногу сум вознемирена од случајот, а кога се случи сличен настан во Неготино, во кој за жал жената која беше малтретирана од партнерот почина, решив да не молчам, туку конкретно да преземам нешто против насилството врз жени, посебно во Тиквешијата.

Јас имам само холандски пасош, кога се вратив во Холандија стапив во контакт со холандски министер, и сега сме во преговори за изработка на проект за заштита на жените жртви во нашиот крај.

За целиот настан е известена и Холандската амбасада, целта ми е да се подигне свеста и да се преземат мерки за да се стави крај на родовото насилство- вели таа.

Појаснува дека жените во Холандија се максимално заштитени и во земјата владее родова рамноправност. Затоа, целта и била да се сврти внимание на проблемот во Македонија, да се изнајдат ефективни решенија со кои ќе се искорени насилството врз жените.

-Поранешниот партнер беше кај мене во Холандија два месеци. Сосема друга ќе беше приказната доколку тоа малтретирање се случеше таму. Револтирана сум од тоа како се жените понижени во Македонија, како нема никаква рамноправност, па на крај завршуваат како жртви на физички малтретирања.

Сакам да апелирам до жените во Македонија, да внимаваат и на најмал знак да се тргнат од насилникот. Да не потпаѓаат на изреките дека тој не знаел зошто го направил тоа, или дека не бил свесен. Секој возрасен и зрел маж е свесен за своите постапки!

Ова што ми се случи мене, ова малтретирање, не ме исплаши, напротив, ме направи посилна, да се борам за себе, но и за другите жени кои минуваат низ исти трауми. Сите мора да покажеме солидарност и да си бидеме поддршка, а институциите да пружат ефикасна заштита на жртвите на насилство – раскажа Андријана.

Додава дека наредниот период ќе биде во Македонија и нема да молчи за проблемот. Порача дека е достапна за ТВ интервју за сите заинтересирани медиуми во секое време, бидејќи сака да ја подигне свеста за родовото насилство во земјава.

Вики Клинчарова

Поврзани новости