Неготинчани стравуваат од најавеното уништување на гранатите на Криволак, од МО потенцираат дека нема штетност за луѓето и животната средина

by fokus

Над 12.300 артилериски гранати од Првата светска војна, односно околу 110 тона, кои беа пронајдени во Битола, во близина на стадионот, ќе бидат уништени на воениот полигон Криволак, Неготино.

Веста дека гранатите се собираат во магацинот на Дирекцијата за заштита и спасување, за да потоа се транспортираат во Криволак, и после 15-ти декември да се започне со нивно уништување, ја сподели Беким Максути, директор на Дирекцијата за заштита и спасување.

Тој појасни дека ќе бидат запазени процесите и правилата за чување на животната средина, и во договор со Министерството за одбрана, процесот на уништување ќе започне после 15-ти овој месец.

Сепак, жителите на Општина Неготино, со страв гледаат на оваа одлука, и реагираат дека уништувањето на гранатите на полигонот Криволак дополнително ќе ја загади животната средина и ќе има последици по здравјето на населението, посебно поради тоа што се работи за огромна количина на оружје.

Претседателот на Здружение на граѓани Ековита, Сашко Тодоров, во разговор за ,,Фокус” појаснува дека во овој период од годината, поради греењето, воздухот во општината алармантно е загаден, и како најдобро би било уништувањето на гранатите да биде одложено за потоплите месеци. Исто така, според него, најдобро решение би било кога гранатите воопшто не би се дигнале во воздух, туку би се закопале во бункер.

-Ги следев изјавите на Максути, во кои тој потенцира дека уништувањето ќе биде според процедури и правила за зачувување на животната средина. Кој и како може да го гарантира тоа, кога станува збор за 110 тони стари гранати? Дали постои можност тие да бидат демонтирани, или пак ќе бидат дигнати во воздух? Според мене, најдобра варијанта би било истите да се закопаат во бункер кој ќе биде заштитен и под постојан надзор. Да не спомнуваме дека поради загадувањето на воздухот ова е посебно ризичен период – вели Тодоров, кој со мобилна станица за мерење на загадувањето на воздухот врши редовни контроли во општината.

-Ековита има сопствена, аматерска мерна станица, која би рекол е ориентациона, значи дава резултати кои не се максимално прецизни, но сепак се горе – доле одлични показатели на состојбата. Поради тоа што општината нема поставено мерна станица, ние секој ден вршиме мерења со нашата, а резултатите се поразителни.
Најлошо е од 18 до 20 часот, секој ден. Тоа е период кога се пали оган во домовите, кога се палат и казаните за варење на ракија. Алармантно е кога нема ветар, бројките одат дури и над 700 ПМ честички, а нормално е вредноста да биде под 50. Тоа е тој пик, и јас би апелирал граѓаните да внимаваат, да се обидат распоредено да ги палат ќумбињата во домовите и казаните за варење на ракија, не мора тоа да се прави токму во тој период, може и порано во тек на ден. И сега, со овие бројки на загаденост со кои живеат нашите граѓани, во овој период, замислете што би се случило кога би се извршило уништувањето на гранатите? Каков воздух би дишеле ние, какви последици би оставило тоа на нашето здравје, но и на животната средина? –прашува претседателот на Ековита.

Тој додава дека во неколку наврати од општината му ветувале поставување на мерна станица во градот, што се уште се нема случено.

По повод предвиденото уништување на гранатите, кое ги вознемири жителите на Општина Неготино, ,,Фокус” ја контактираше и министерката за одбрана Радмила Шекеринска. Таа вели дека уништувањето на гранатите ќе се одвива според строго утврдени процедури, на одредени места, каде ќе бидат поставени под земја, а потоа и уништени.

-Варијантата која ја предлагаат од Ековита, гранатите да бидат закопани во бункер, е многу опасна, во случај да избие пожар во нивна близина. Се работи за огромни количини, со голема моќ. Нивниот предлог, да се изврши уништувањето во тек на потоплите месеци, кога загадувањето на воздухот е минимално, е добра, но сепак станува збор за 110 тони оружје, и негово чување на подолг период не е препорачливо од безбедносни причини. Ќе бидат запазени сите правила за заштита на животната средина при процесот, редовно се вршат мерења на квалитет на воздухот во таа област, никој нема да биде згрозен, вели министерката.

Од секторот за односи со јавноста при Министерството за одбрана исто така детално појаснија како оди целата процедура при уништувањето на гранатите и потенцираат дека штетноста од уништувањето на минско експлозивните средства нема влијание на околината и луѓето.

-Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) има поднесено барање до МО за поддршка и асистенција за уништување на овие пронајдени и отстранети атилериски гранати на градскииот стадион м.в. „Под Тумбе Кафе’’ во Битола која се состои од: одобрување на термини за уништување на АП Криволак, пиротехничари од Армијата, војници за утовар-истовар на мините, воено полициска и санитетска придружба, моторни возила за превоз, асистенција при уништувањето во присуство на наши пиротехничари и изработка на фугаси (дупки за уништување на мините) со инженериски машини и експлозив со кој ќе се уништат гранатите.

Од наша страна одобрени се, врз основа на барање од ДЗС, следните термини 15, 18, 22 и 25 декември. Уште 4 термини за следната година ќе бидат одредени во координација со ДЗС.

Постапката ќе биде следна: од местото на складирање во Битола со наша помош за утовар, воено полициска, санитетска и притивпожарна асистенција и придружба од МВР ќе се утоварат на армиски камиони ќе се пренесуваат согласно термините за уништување. Процедурата е ваква: се копаат фугаси од страна на армиски инженерци, се поставува соодветен експлозив тротил и соодветна количина согласно процедурите и со активирање на експлозивот истите се уништуваат.
Се користи експлозив тротил кој исто така е во мините кои се уништуваат а кој експлозив се користи и постојано на нашите гаѓања и извежбувања. Целта на уништувањето во повеќе етапи (значи намалени количини при секое уништување) е токму намалување на опасноста во поглед на загадување и силата на детонацијата.

Уништувањето ќе се врши по строгите критериуми од Елаборатот за екологија за полигонот Криволак. Секако со оглед на одредената далечина на местото за уништување на минско експлозивни средства од првото населено место, кое многупати се користело и до сега, штетноста на гасовите (дијаметарот) кои ги испушта експлозивот тротил, од стручните лица е оценета дека нема влијание на околината и луѓето (впрочем нашите припадници со припадниците од ДЗС и МВР ќе бидат на непосредно блиско место за што секако не би ризикувале ако има штетност) – е ставот кој до ,,Фокус” го достави Лидија Јанчовска Христова, посебен советник за односи со јавноста при Министерството за одбрана.

Во меѓувреме, на социјалните страници посветени на општината, граѓаните ги искажуваат своите стравови, па дури има и повици да се направи петиција и уништувањето на гранатите да не се спроведе на Криволак, бидејќи на неколку километри од полигонот има земјоделски култури и е исто на неколку километри од населените места.

Од Општина Неготино пак, се оградуваат од најавените случувања кои ги вознемирија граѓаните.

-Ме барате само кога има нешто да се критикува, а не и кога имаме позитивни настани и проекти кои треба да се спомнат. Најавата за уништување на гранатите на воениот полигон Криволак е во надлежност на Министерството за одбрана. Немаме став по повод ова прашање, бидејќи не е во надлежност на општината, туку на министерството и ние како Совет не се мешаме – ни изјави претседателот на Советот, Диме Витанов.

Вики Клинчарова

Поврзани новости