Негативни се сите тестирани кавадарчани, ама граѓаните да не се опуштаат – информира д-р Коцев

by fokus 12:37
12:37

Сите кавадарчани кои биле во контакт со починатиот албански државјанин се тестирани и нивните тестови се негативни на корона вирус – информира директорот на ЈЗУ Кавадарци, д-р Диме Коцев.

Станува за лица вработени во Брза помош, Јавно Обвинителство, ОВР Кавадарци, како и други лица кои биле во контакт со 44-годишниот маж, кај кого посмртно беше докажан вирусот.

- Advertisements -

-За сите оние кои биле во контакт со починатиот, а чии резултати се негативни, останува препораката за 14-дневна самоизолација.
Исклучително е важно да ги почитуваме мерките за заштита. Знаеме дека не е лесно, но секој ден сме се поблиску до нашата заедничка цел, спречување на Ковид – 19 – вели Коцев.

Во Кавадарци вирусот за прв пат беше регистриран на 20-ти март, кај две лица, сопружници, кои денес се веќе излекувани. Поради контакт со нив, 67 лица беа тестирани и сместени во самоизолација.

Третиот случај на корона вирус во Кавадарци беше регистриран кога на 5-ти април, во изнајмен дел од куќа, беше пронајден починат маж од Албанија, кој работел во градежништвото во Штип. Кај него, посмртно беше откриен вирусот, а на повеќе лица од надлежните служби кои излегле на увид, како и останати граѓани кои биле во контакт со него, им беше земен брис.

По последните случувања, Кавадарци е град во кој засега нема корона вирус. Поради тоа, Коцев апелира граѓаните да се опуштаат, туку да продолжат да се придржуваат на владините мерки.

Вики Клинчарова

Поврзани новости