Неделкова: Се работи за политичка, лична комбинација да бидам разрешена и да не пречам во судството

by fokus

Одговорно и совесно ја извршував функцијата. Се работи за политичка, лична комбинација за да бидам разрешена и едноставно веќе да не пречам во судството, изјави судијката во Врховен суд, Лидија Неделкова која денеска едногласно беше разрешена на седница на Судскиот совет. Таа најави дека има право на жалба до Жалбениот совет на Врховниот суд, кој се формира со по еден претставник од апелационите судови со жрепка и тројца претставници судии, со жрепка, од Врховниот суд.

Неделкова додаде дека во Советот мора да бидат присутни уште дваца судии од Врховниот суд, зошто таа потекнува од тој суд. Таа смета дека ако поднесе жалба таа ќе биде во нејзина корист.

Пред почетокот на седницата Неделкова изјави дека претходниот претседател Јово Вангеловски сѐ работел незаконски, а како незаконска ја оцени и постапката што ја повел против неа. Таа додаде дека ова е веќе втора постапка, која датира од 2019 година.

– Јас случајно вчера дознав дека денеска е закажана точка на дневен ред да се разгледува предлогот од Комисијата. Оној предлог, што го сменија. Предлогот беше за запирање на постапката. Сменија Комисија, не ме повикаа, што не е законски. Комисијата донела предлог за разрешување, изјави Неделкова.

Таа нагласи дека никогаш не работела незаконски и смета оти има политички мотиви.

– Јас тоа го напишав и во кривичната пријава. Се уште не сум ја добила одлуката, а јавно се објави на 8 февруари дека е отфрлена. На тоа отфрлање по закон имам право во рок од 8 дена да поднесам жалба до вишиот јавен обвинител. Значи таа постапка не е правосилна, објасни Неделкова.

Таа додаде дека денеска изутринава поднела три барања, да се одложи седницата, да присуствува на седницата заедно со нејзиниот бранител и да дојде претставник на Здружението на судии за да се бранат нејзините интереси.

Судијката Неделкова денеска присуствуваше на седницата на Судскиот совет, по што изјави дека побарала збор, но не и било дозволено да говори.

Поврзани новости