Нечиста совест

by Fokus

Здравствените власти најавија дека ќе истражуваат, иако и самите треба да се под истрага, а ОЈО отвори предмет, иако против болницата се пуштани пријави уште пред осум месеци

Јанаки МИТРОВСКИ

Неделава во јавноста бше презентирано истражување на ИРЛ на чело со Сашка Цветковска, наречено Нечиста крв, кое се занимава со истажување на повеќе дојави од страна на семејства на починати од наводно Ковид во болницата „Жан Митрев“.

Истражувањето се занимава со употреба на експерименталниот и неодобрен метод за лекување Ковид- Хемофилтрација кој чини фрапантни дванаесет илјади евра, како и го разобличува наводното академско звање на д-р Жан Митрев.

Доктор Митрев од април 2020 година рекламира и промовира по повеќе телевизии и портали ваков метод, лажно прикажувајќи го како меѓународно признат и успешен.

ЛЕКАРСКА НЕГРИЖА И АЛЧНОСТ

Овој метод не се применувал само кај пациенти со тешка клиничка слика, туку и кај пациенти со средна и лесна клиничка слика. По кој метод се бирани пациенти кај кои ќе се прави хемофилтрација е нејасно.

Но, она што често се случувало е пациентите да влезат стерилни, а завршат со неколку бактерии од кои дел се и смртоносни, особено на организам ослабнат од Ковид.

Појаснувањето на Митрев е дека интрахоспиталните бактерии биле нормална појава, но ова лесно се демантира ако се увиди дека во нормални држави и болници бројот на заразени со интрахоспитални инфекции е само еден процент.

Болницата „Жан Митрев“ не пријавила ниту една инфекција иако има законска обврска на тоа, и како причина за смртта секаде е наведен Ковид, а не опасните и животно загрозувачки инфекции.

Ова го повлекува и прашањето, колкав дел од починатите во Македонија починале од компликации од вирусот, а колав дел од лекарска негрижа, интрахоспитални бактерии и алчност?!

А луѓето пријавувале, не дека не. Се пријавувало до инспекторат, се праќале писма до „министерот за смрт“ Венко Филипче, но лекарските власти останале неми.

Тоа го охрабрило академик Жан, па истиот започнал и клинички испитувања за употреба на методот на хемофилтрација за лекување на Ковид, но за тоа не го известил и побарал одобрение од МАЛМЕД, иако бил законски обврзан да добие одобрение пред да се впушти во испитување.

НЕСОВЕСНО ЛЕКУВАЊЕ БОЛНИ

Единствено „одобрение” го добил од интерна етичка комисија, што нема никаква вредност. Она што е уште пострашно е дека не барал согласност од пациентите, ниту ги известил за тоа дека применува експериментална метода, ниту им ги посочиле опасностите.

Сето ова го прави Жан Митрев и СЕКОЈ еден лекар кој ја применувал оваа метода кривично одговорни за Несовесно лекување болни, кривично дело казниво по членот 207 од нашиот Кривичен законик.

Фактот, пак, дека Жан Митрев ЛАЖЕЛ за своето образование, секаде се потпишува како академик, а не е, фактот дека по сите телевизии лажел дека се работи за успешна и меѓународно призната метода, и затоа наплаќал вртоглави суми на пари, пак го прави лично Жан Митрев одговорен за сторени повеќе кривични дела- Измама.

Ама баш буквално сите услови ги исполнува- лажно преставува факти, ги држи луѓето во заблуда и им прави штета.

Здравствените власти најавија дека ќе истражуваат, иако и самите треба да се под истрага, а ОЈО отвори предмет, иако против болницата се пуштани пријави уште пред осум месеци без никаков епилог.

Дури и министерот Беким Сали без срам и  перде изјави дека да била филтрацијата 500 денари немало да се буниме, како и дека експеримент е тежок збор, и ова ви е јасна индикација на каде ќе се тера.

КЛАСИЧЕН БАШИБОЗУК

Оваа власт им дозволи на приватните болници во услови на беспарица, неработење и криза да бидат класичен башибозук, да креваат цени до плафон, без никаква контрола.

На пример, во Грција државата ги замрзна целите се со цел да се избегне т.н. воено профитерство. Кај нас секој трет ( меѓу највисоки стапки на смртност во свет) кој влезе во болница, излезе во црна вреќа.

Моето семејство има мноогу “добро” искуство со лекување по приватни болници. За седум месеци “лекување” на мајка ми од канцер, приватна болница од моето семејство извлече над триесет и пет илјади евра.

Да и го продолжеа животот барем еден ден, нека им се алал. Ни наплаќаа безмилосно и за секакви потребни и непотребни, демек, испитувања без никакво подобрување на состојбата. На крајот на жената и збоктиса, и сама си отиде од таму.

Од секогаш ме чудело каде ќе им оди душата на овие луѓе? Имаат ли совест? Зарем се пари се во животот, и зарем се важни до тој степен да се гази преку живи луѓе.

Ниедни пари на светот не можат да исчистат нечиста совест, извалкана од украдени туѓи пари, а туѓото е проклето! А совеста не им е чиста на Жан, особено на Филипче, на Сали и на сите на кои профитот им е пред луѓето!

Поврзани новости