Небулози во учебник за четврто одделение: Ако немало свадба, нема ни домашна задача

by fokus

Учениците од четврто одделение кои живеат со самохран родител, или пак чии родители не направиле свадба, на час по општество, кога ќе ја учат лекцијата ,,Брачен живот и брачни улоги“, најверојатно нема да однесат домашна работа.

Причината е едноставна – авторот на учебникот по Општество, Билјана Живковиќ, очигледно го занемарила фактот дека не секој кој има деца е во брак, или пак задолжително направил свадба, а во задачата под лекцијата се бара учениците да залепат фотографија од свадбата на родителите, или пак да ги нацртаат.

14741675_134362230364007_1817769624_n

Покрај свадбената фотографија, децата треба да напишат кога родителите им стапиле во брак, по колку години имале тогаш и дали се венчале во матично, црква или пак на друго место.

На социјалните мрежи веќе се постираат разни критики, но и шеги на сметка на материјалот во учебникот. Самохрани родители, или пак оние кои што се во втор брак, или во брак со личност која не е родител на нивното дете, прашуваат на шега дали треба да се залепат слики од свадбата на мајката со човек кој што не е биолошки татко на детето, но и слики од свадбата на таткото на детето, со жена која што не му е биолошка мајка. Покрај тоа, учебниците наредната година, се даваат на користење на други ученици, па нејасно е што се случува со фотографијата, дали таа пак треба да си ја одлепат, или наредните генерации да залепат нова врз неа.

 Друга, голема небулоза, која може да се прочита во истиот учебник е и лекцијата ,,Планирање на домашниот буџет“, а во која како пример се дадени приходите на едно семејство, и како тие правилно треба да се распоредат. Во примерот, таткото е тој кој  заработува 30.000 денари, а мајката 32.000 денари, значи вкупно 62.000 денари месечно. Родителите реагираат дека со овие примери децата на некој начин се залажуваат, па кога ќе им се каже дека за нешто нема доволно пари, сигурно дека нема да поверуваат, оти во училиште им кажале друго. Инаку, станува збор за деца на возраст од осум до девет години.

Учебникот по Општество, кој што е цел на исмејување, но и на критики, е издаден од Министерство за образование и наука на Република Македонија. Одобрен е за употреба од 19 06 2009 година.

Вики Клинчарова

Поврзани новости