Неблагодарно е друг да ги пее песните на Влатко – „Морал” по смртта на Илиевски

by fokus

Рок бендот „Морал” чиј вокалист беше Влатко Илиевски, од неговата ненадејна смрт во јули 2018 година не е активен на сцената. Околу тоа што се случува со групата која што беше доста популарна, дали ќе продолжи со нов вокалист или пак ќе стави точка на постоењето, „Фокус” разговараше со гитаристот Ивица Јорданов.

Тој вели дека темата е се уште многу болна за сите членови на бендот, и како им недостига Влатко, но и енергијата и харизмата кои што тој ги донел во бендот, уште во далечната 2000 година.

-Оваа тема, околу тоа што ќе биде со бендот во иднина, дали ќе ангажираме нов вокалист и слично, е се уште многу болна за нас и таа болка ќе остане.

Се надеваме само дека времето ќе изамортизира, ќе се научиме да живееме со реалноста. Ние, членовите на ,,Морал” приватно се дружиме, но како бенд, по трагедијата, ниту сме имале проба, ниту сме засвириле.

Потрошивме многу енергија, многу емоции во последниот албум кој што се снимаше цели две – три години. Влатче во тој албум се надмина себе, така да јас лично сметам дека е неблагодарно некој друг да пее сето тоа. Не велам не, но… Сега за сега, ова е моето мислење – појаснува Јорданов.

Додава дека отсуството на Влатко силно го чувствуваат и многу планови им останале неостварени.

-Нашиот Влатче премногу ни фали, имавме големи планови, контакти со менаџери од соседните држави. Планиравме да згазиме здраво, затоа што знаевме и верувавме во тоа што го работиме. Точно ја знаевме тежината на сработеното, но животот имал друг план – вели гитаристот.

И фронтменот на ,,Морал”, Славчо Стојанов уште пред неколку месеци во разговор за „Фокус” откри дека сите од бендот се уште се во шок и не знаат дали и како ќе продолжат понатаму.

„Морал’’ секогаш беше дел од животот на Влатко Илиевски. Тој и стана познат на јавноста како вокалист на бендот уште во 2000 година, а потоа во 2007 година започна да ја гради својата соло кариера.

Сепак, не криеше дека со бендот има некоја посебна поврзаност, дури и кога настапуваше самостојно, а нивниот последен заеднички албум, каде Илиевски повторно беше вокалист се објави кон крајот на 2017 година.

На долго очекуваниот албум од ,,Морал’’ насловен ,,Кофеин блуз’’ гитара свири Ивица Јорданов, фронтменот на бендот Славчо Стојановски – бас, Сашо Ангелов – тапани и Влатко Илиевски – вокал.

Гости на албумот беа Тамара Тодевска, Игор Џамбазов и Слаткар, а на некои од песните специјални гости се старите членови на бендот, Венко Серафимов, Димитар Божиков и Љубо Жишка.

По неговата ненадејна смрт од бендот ни изјавија дека останале без зборови, и порачаа да не се заборави дека Влатко прв ја наполни Арена Борис Трајковски со десеттина илјади луѓе.

Вики Клинчарова

Поврзани новости