Не стивнуваат реакциите во Бугарија: „Зоран Заев си игра со историјата“

by fokus

И по една недела од одбележувањето на годишнината од Илинденското востание, во Бугарија не стивнуваат реакции по однос на изјавата на премиерот, Зоран Заев, кој во интервју за македонска телевизија рече дека Илинденското востание е македонско. Бугарската јавност е револтирана и  контунирано го напаѓа Заев поради оваа изјава.

Претходно опозицијата во соседната земја во повикуваше бугарскиот премиер, Бојко Борисов, да побара објаснување од Заев. Министерката за одбрана, Екатерина Захариева, на тоа одговори дека Илинденското востание можеби географски е македонско, но историски е бугарско.

Работите одат до таму што интелектуалната јавност во Бугарија бара на Македонија да и се испрати протестна нота.

Бугарскиот аналитичар, Бојан Чуков, го обвини Заев дека прави замена на тезите.

-Не ме изненадува неговата изјава, тој си поигрува со тезите и историјата, како и со договорот постигнат меѓу двете земји– вели Чуков.

Тој смета дека реакциите од бугарската власт се задоцнети и дека требало веќе следниот ден по изјавата на Заев, во бугарското МНР да биде повикан македонскиот амбасадор за да му биде врачена протестна нота. Тој вели дека Бугарија треба да земе пример од политиката на Грција кон Македонија.

-Договорот за добрососедство ќе остане на хартија ако нашето однесување не се смени – вели тој.

Поранешниот министер за внатрешни на Бугарија и актуелен претседател на АБВ, Румен Петков, изјави дека поради изјавата на Заев, Бугарија треба да ги оспори преговорите на Македонија со ЕУ и НАТО.

-Нема Илинденско Преображенско востание за нив, за нив има само Илинденско востание во кое учествувале Македонци, Грци, Турци, Албанци и Власи, но не и Бугари – изјави тој и побара промена во составот на работните групи меѓу двете земји.

Иако реакциите траат веќе една недела, премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, одговори дури вчера порачувајќи му на Заев два пати да мисли пред да рече нешто. Тој се закани дека Македонија може да ја изгуби поддршката на Бугарија за влез во ЕУ.

Заев, пак, утринава испрати смирувачка порака во која повикува во преден план да се стават пријателските односи меѓу двете земји.

„Сакам да им порачам на сите граѓани, дури и на критичарите во Македонија и во Бугарија, да немаат дилема дека пријателството и соработката се искрени. Драги пријатели и браќа од Бугарија, верувајте, искрено градиме пријателство кое неколку децении наназад беше изгубено. Тоа беше загуба за двете земји. Ние повторно го најдовме нашиот пријател и брат. Да не дозволиме да се враќаме назад. Тоа ни е обврска пред нашите деца. Некогаш можеби не сме доволно внимателни ние политичарите, некогаш правиме и грешки, но ве уверувам дека тоа е само невнимание, затоа што искрено сакаме соработка и пријателство како што тоа го потпишавме во договорот за добрососедство и пријателство“, порача тој.

Поврзани новости