Не снимале без наше знаење додека одевме на тестирање – појаснува струмичанката која неодамна се врати од Германија

by Fokus

Струмичанката Елена И. која неодамна со својата сестра се вратила од Германија, реагира по повод видеото направено без нејзино знаење од страна на анонимен сограѓанин, а кое предизвика вознемиреност во Струмица.

Имено, на социјалните мрежи се појави видео од девојката, нејзината сестра и мајка, а граѓаните ги обвинуваа дека наместо во самоизолација несовесно шетаат низ градот.

За јавноста Елена информира дека видеото е направено во петокот, додека тие оделе на тестирање, а коментарите кои струмичани ги објавувале на сметка на семејството, им предизвикале голема болка, бидејќи вистината била сосема поинаква.

Таа појаснува дека со сестра и и нивната мајка поминале 14 дена во самоизолација, и како никого не изложиле на ризик. Побара да запре стигматизацијата за сите лица кои се вратиле од странство и кои се во карантин, и информираше дека нивните тестови се негативни на вирусот.

-Во изминатите неколку денови на социјалните мрежи се појави видео пропратено со лажни информации и невкусни коментари дека јас и моето пошироко семејство сме позитивни на КОВИД-19 и дека во меѓувреме сме шетале низ градот и сме контактирале со други луѓе. Сакам да кажам дека јас и сестра ми сме студенти во Германија и по појавувањето на КОВИД-19 во Германија, факултетите се затворија, часовите ни се држат преку интернет и ние како граѓани со постојано место на живеење во Струмица се вративме во нашиот дом. Иако, кога пристигнавме во Македонија се уште не се потпишуваше изјава за самоизолација, ние самите се пријавивме во Центарот за јавно здравје и рековме дека ќе бидеме во самоизолација и се информиравме за следните чекори. Со цел да не го загрозиме здравјето ниту на нашите најблиски ниту на пошироката јавност, од аеродромот не пречека нашата мајка, која што за целиот овој период беше со нас во самоизолација. Додека ние трите бевме во самоизолација, нашиот татко воопшто физички не контактираше со нас и престојуваше на друго место. Бидејќи ни завршуваше периодот на самоизолација согласно препораките, телефонски се јавивме и закажавме термин за тестирање. По препораки на епидемиолог ни беше кажано дека сите три треба да бидеме тестирани, бидејќи престојуваме заедно – информира девојката.

Додава дека во ниту еден момент не криеле дека се во самоизолација, и како нивните роднини и пријатели биле запознати со состојбата, во случај некој да не им дојде во посета.

-Во петокот кога отидовме на тестирање, некој несовесен граѓанин не снимал со цел да го рашири видеото по социјалните мрежи. Со видеото се ширеа и невкусни и невистинити коментари за нас и нашата поширока фамилија, кое ни нанесе емоционален стрес и нарушување на угледот. Иако ни беше тешко што не можеме да го видиме нашиот татко и нашите блиски роднини, ние сепак се воздржавме и ги испочитувавме сите прописи. Наместо да бидеме пример за тоа, ние бевме нападнати. За овие три дена, додека ги чекавме резултатите, се изначитавме разни коментари дека сме позитивни и дека намерно не се објавуваат резултатите и разни други глупости. Сега можам да ви кажам дека резултатите ги добивме и сите три се негативни на КОВИД-19. Но дури, и да бев позитивна ќе објавев дека сум позитивна, и со гордост ќе истакнав дека на никој друг не сум го пренела. Вирусот е опасен, но ќе помине. Но емотивната болка останува. Затоа на никој не му го посакувам, ниту едното, ниту другото – појасни струмичанката.

Вики Клинчарова

Поврзани новости