Не слушам, не гледам, инструкции следам

by Fokus

Обвиненијата напишани од ракав и паушално, непоткрепени со докази, не можат да убедат никого во тврдењата на обвинителството, да влијаат на полето на генералната и специјалната превенција, ниту да предизвикаат чувство дека правниот систем функционира

Пишува Звонко ДАВИДОВИЌ

Пред некој ден, по цели 14 години, предметот познат под името „Ореше“ доби и своја конечна разрешница во Основниот граѓански суд Скопје. Предметот, кој на виделина изнесе низа малверзации на обвинителството, манипулации со заштитениот сведок, местенки, злоупотреба на овластувањата во одделението за заштитени сведоци, но, пред сè, недоветноста и гнилежот на судството, заврши со задолжение на Република Македонија да исплати штета.

Државата е задолжена да плати за туѓи пропусти, за пропусти и недоветноста на МВР, обвинителството и судството. Истите тие кои многупати досега си поиграле со законот и со човечките судбини, измислувајќи предмети, докази и заштитени сведоци, седат и понатаму во своите фотелји и ни влакно не им фали. Некои од нив добија дури и унапредување и заминаа во меѓународни институции да ја претставуваат Македонија.

ВРБУВАЊЕ И УЦЕНИ

Нема да навлегувам во деталите и доказите во предметот, само ќе кажам дека заштитениот сведок, не можејќи да го издржи притисокот на совеста, а и поради неисполнети договорни обврски од спогодбата со одделението за заштитени сведоци, по 8 години ја раскажа вистината.

Раскажа како обвинителството го врбувале и уценувале да ја раскаже приказната што му ја подготвиле, како влегувале разни лица во притвор без одобрение на судијата, како одморал со семејството на плажите во Охрид на државен трошок, како му е од буџетот плаќана кирија за стан, даван месечен паричен надоместок.

Ги посочи луѓето по име и презиме што го правеле сево ова, но посочи и луѓе што тргувале со оружје. За сево ова беше поднесена кривична пријава, но таа заврши во фиока по налог на тогашната обвинителска раководна структура и никогаш ништо не беше преземено.

За сево ова пишуваше Томислав Кежаровски и укажуваше на опасноста од вакви местенки и малверзации, пишуваше за правната несигурност што се создава и дискрециските права што обвинителството ги создава и ги приграбува спротивно на законот.

Но, попусто, наместо реакција на правниот систем за оневозможување и санкционирање на ваквото самоволие, моќниците засегнати од вистината се обидоа да го дисциплинираат Кежаровски. Повторно монтираа и изрежираа судски предмет под името „Ликвидација“.

По месеци притвор, малтретирање и циркуско судење, јавноста ја спозна вистината и под нејзин притисок Кежаровски беше на слобода.

МОНТИРАНИ СЛУЧАИ

Уште низа судски предмети, но, пред сè, уште многу луѓе ја почувствуваа, ја чувствуваат и ќе ја почувствуваат изопачената смисла за правда и правдина на моменталната недоветна и некадарна правосудна структура.

„Змиско око“, „Шпион“, „Фаланга“, „Диригент“, „Југ“ се само дел од судските предмети, кои на ист или на сличен начин беа искреирани од луѓето што и понатаму си играат и со човечките судбини и со правниот систем и кои на ист начин продолжуваат да креираат и монтираат судски предмети. Ниту еден од овие предмети не ја отслика вистината, ниту некого убеди во вината на обвинетите, а најмалку обвинетите што целите на казнувањето ги прави апсурдни.

Обвиненијата напишани од ракав и паушално, непоткрепени со докази, не можат да убедат никого во тврдењата на обвинителството, да влијаат на полето на генералната и специјалната превенција, ниту да предизвикаат чувство дека правниот систем функционира. Напротив, иритираат и го зацврстуваат мислењето за некадарноста на обвинителството и клиентелистичкиот однос на судот, кој ги аминува ваквите обвиненија. Токму затоа предметите траат со години, бидејќи повисокиот суд најчесто ги укинува ваквите исконструирани и со докази непоткрепени пресуди.

Апсурдно е да обвините некого и да изречете пресуда во име на народот за шпионажа, а во ниту еден миг во текот на судењето и во пресудата да не наведете кои тоа државни тајни им се предадени од обвинетите на кои странски тајни служби.

Каква е таа пресуда што ги огласува обвинетите виновни за продажба на артефакти, а да немате ниту еден од наведените артефакти да покажете или макар слика од него и никогаш да не сте ги виделе, а нема ниту вештачење за нив дека се артефакти.  Не можете од ваквите пресуди да очекувате кој било да ги сфати сериозно. Напротив, ваквите пресуди служат и ќе служат за подбив.

УРИВАЊЕ НА ДОВЕРБАТА

Ваквиот начин на работење и постапување на обвинителството и судот, не само што го урна нивниот интегритет и довербата во нив, туку го урива и угледот на државата и ја чини државата, односно народот пари, пари за водење вакви предмети и за исплатени штети.

Ако на ова се додаде фактот за политичкиот клиентелизам на судството и длабоката политичка обоеност на обвинителството, што се докажува, не само со водење судски предмети против функционери од претходната власт во изминативе 30 години, туку и со одлуки на некои од највисоките судски инстанции на три европски држави со кои се одбиваат екстрадициите поради политички судски предмети, се добива слика на комплетно разнебитено и некадарно правосудство, кое ѝ прилега на некоја африканска банана држава или на Северна Кореја.

Само со вистинска и коренита реформа, во која засекогаш од правосудството ќе си заминат политички обоените и клиентелистички настроените судии и обвинители и ќе бидат санкционирани за тоа, но и со воведување лична материјална одговорност на судиите и обвинителите за причинета штета со несовесно и нестручно работење, ќе можеме да се надеваме на заживување на правосудството.

Дотогаш и обвинителството и судството ќе бидат марионета во рацете на секоја актуелна власт и ќе се однесуваат по принципот – не слушам, не гледам, само инструкции следам, а целото правосудството ќе служи за подбив и за потсмев.

 

Поврзани новости