Не се лоши времињата, туку човекот

by fokus

Се надевавме дека по истекот на една година животот ќе ни се врати во „нормала“ како некогаш, но како вирусот и понатаму хара, а властите се немоќни и недоветни, ни покажува дека нашиот живот ќе продолжи според правилата на природата, која ќе мораме да ја почитуваме и да ѝ се приспособуваме

Пишува: Звонко ДАВИДОВИЌ

Не се лоши времињата, туку човекот-
Хемингвеј

Од кога постои човекот, тој себично се занимава сам со себе не обрнувајќи внимание на ништо околу себе и вон себе. Самобендисано севкупниот свет го мери спрема себе и себично го устројува спрема своите потреби и желби, пишувајќи ја историјата на човештвото, која е исполнета со уништувања и истребувања, кои сами по себе немаат никаква цел, освен материјалните интереси на мала група луѓе.

Освојувања, покорувања, реки крв, милиони изгубени човечки животи во текот на времето за парче земја, педа кал. Уништувања, истребувањe на животинскиот и растителниот свет без мерка, себично и дивјачки неводејќи сметка има ли право на тоа, уништува ли и истребува ли нешто што не го создал и што никогаш повеќе не ќе може да го создаде и врати.

Отсекогаш човекот се однесувал како тиранин и варварин кон самиот себеси и својот род, кон сè околу себе, дури и кон планетата, која е негов единствен дом. Самобендисан и себичен човекот отсекогаш водел сметка само за своите интереси и потреби, не мислејќи на последиците.

А, последиците мораат да дојдат и веќе доаѓаат, но човештвото заслепено во својата самобендисаност и квази супериорност, кусогледо за сè што е надвор од неговиот материјален интерес и што не му го полни џебот, не успева ниту да ги препознае уште помалку да изведе заклучок и поука.

КОСМИЧКИ ЗАКОНИ И ПРАВИЛА

Разноликоста на животинскиот и растителниот свет, космичките закони и правила, принципите на природата и вселената, не само што човекот не ги создал и не се негова заслуга и што постоеле многу пред неговото појавување и ќе постојат по неговото исчезнувања, туку не ги ни осознал за да може да си дозволи да си игра Господ. Сушите, поплавите, силните ветришта, земјотресите беа само мало предупредување за човештвото, кое не го разбра и продолжи да уништува, обезличува, да се изживува со природата и нејзините законитости, вселената и нејзините устројства.

Ѓаволот секогаш доаѓа по своето, велат старите. Безвременските законитости на вселената и природата, во кое човештвото е само миг, краток блесок во нејзината историја, нарушени и деградирани со лекоумното и неодговорно однесување на човекот мораат да се урамнотежат и избалансираат во мерките и границите кои многу пред нашето постоење се устроени и определени. Токму тоа почнува да се случува во изминатава година со појавата на короната, односно ковид 19.

Мало, невидливо, безначајно нешто ни ги смени животите и ги устрои со сосема нови правила покажувајќи ни колку сме мали, ситни, немоќни и незначајни. „Големото“ човештво потклекна пред невидливото и едноставно нешто и беше присилено да се повлече од природата барем за миг и да се затвори во своите домови овозможувајќи и на природата да се регенерира.

СИТЕ СМЕ ИСТИ ПРЕД ВИРУСОТ

Држејќи ни лекција по убаво однесување кон природата, во исто време ни одржа лекција и за нас самите. Без оглед колку кој пари спечалил, кој на која функција се наоѓа, колку е глуп или умен, колку е патриот, вирусот коси, не одбирајќи затоа што сите сме му исти без лажни величини. Малите селски игри и политиканството, партиското блебетање и лупетање тука не поминуваат и не помагаат, туку природата безмилосно го зема својот данок и не приморува да го смениме и начинот на живот и навиките.

Се надевавме дека по истекот на една година животот ќе ни се врати во „нормала“ како некогаш, но како вирусот и понатаму хара, а властите се немоќни и недоветни, ни покажува дека нашиот живот ќе продолжи според правилата на природата, која ќе мораме да ја почитуваме и да и се приспособуваме.

Наместо да се сметаме за господари на сето она што нè опкружува, треба да сфатиме дека ние сме само една мала алка во синџирот наречен живот и дека е време, не да ја менуваме природата, туку да се менуваме себеси и својата илузија за исклучителноста и исклучивост. Ние сме само едно мало  делче од едно големо чудо наречено живот, кое постоело и пред нас и ќе постои и по нас и сè додека тоа не го разбереме и почнеме така и да се однесуваме, нашата иднина е многу неизвесна.

 

Поврзани новости