Не правам ПР од посетите на повредените лица од пожарот во Кочани, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски. Тој вели дека ги почитувал сите здравствени протоколи при вчерашната и денешната посета на хоспитализираните пациенти.
Мицкоски и министерот за здравство Арбен Таравари вчера ги посетија пациентите во скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“ и по посетата, од владината Служба за односи со јавноста испратија фотографии на кои не им се гледаат лицата на пациентите, а функционерите носат само заштитни маски.
„И во текот на вчерашниот и во текот на денешниот ден нема никогаш да видите лице, ниту, пак, да слушнете и прочитате име на пациент кој сум го посетил. Има и такви кои влегуваа со камери и слично, но јас ни вечера ни денеска никаде не влегов со камера, ниту имам намера да правам П.Р. од сето ова. Има само фотографии во тил и никаде нема лице на ниту еден пациент. Мојата цел при овие посети е за да излезам пред вас, да не се кријам и да зборувам отворено за се она со кое се соочуваме и сето она кое го постапуваме.
Мојата задача како прв човек на македонската Влада е преку вас медиумите да се обратам до граѓаните со пораки и ценам дека во овој момент тие пораки се важни за граѓаните и тоа е мојата цел. Не е мојата цел да правам никаков П.Р., не мора ништо да објавувате од ова што го зборувам, не мора да објавувате ни една слика, ниту еден статус, им порача Мицкоски на медиумите.