Не можев без мојата ќерка, затоа се преселив во Америка, открива Мојсоски, шампионот во бодибилдинг

by fokus

Осумкратниот шампион на Македонија во средна категорија во бодибилдинг, а во 2013 година и севкупен шампион, Гоце Мојсоски, веќе три години живее и работи во Америка.

 

Неговиот фитнес центар „Фитоформ” во Охрид работи непречено, и покрај тоа што тој повеќе не е во Македонија, а како што раскажува за „Фокус“, вработените се доста посветени на работата и не се чувствувало неговото отсуство.

Иако на далечина, се грижел се да функционира како што треба, со цел членовите кои вежбаат да бидат задоволни. Околу тоа која е причината поради која ја прекина спортската кариера и се впушти во нова авантура, како возач на камион во САД, без двоумење одговара дека тоа е љубовта кон ќеркичката Ева која има шест години.

И покрај тоа што во времето кога таа се роди, Мојсоски живееше во Охрид и често патуваше во Америка, со тек на време сфатил дека не може да функционира оддалечен од неа и нејзината мајка Јасмина.

-Откако прв пат стапнав во САД, кога дојдов на натпревар, поминаа седум години. На тој натпревар се случи средбата со Јасмина, а потоа се роди нашата прекрасна Ева. Јас првите четири години по раѓањето на Ева бев на релација Македонија – Америка, но сега веќе се стационирав овде, во Америка. Причината поради таа голема животна промена, секако е ќеркичката Ева и нејзината мајка, сопругата Јасмина. Таа е Македонка, по потекло од Струга, а во Америка живее веќе 13 години. Животот овде не е многу динамичен, во поглед на шетање и уживање, бидејќи постојано се работи, сите трчаат по некоја екстра работа за да можат дополнително да заработат. Јас професионално започнав да возам камион, бидејќи тоа е моментално најпрофитабилната работа овде. Фитнесот, односно бодибилдингот ми е ставен во мирување бидејќи имам премногу обврски околу транспортот – раскажува Мојсоски.

Вели дека Охрид многу му недостига и годишно доаѓале еднаш до два пати. Летово направиле венчавка во Бигорски манастир. -Мојата ќеркичка ми е инспирација за се што правам во животот. За неа се будам секое утро. Таа започна со училиште, но ние се трудиме да ја научиме да чита и пишува течно македонски. Приврзани сме со мојата принцеза еден со друг и не можеме да функционираме одвоено. Затоа и сум сега овде, благодарен на сопругата што ја донесе на свет нашата ќеркичка, со која заедно се радуваме и сме среќни – вели шампионот. Појаснува дека последниот натпревар го имал во Шпанија, на Арнолд Класик, каде освоил солидни резултати.

-Не ја исклучувам можноста повторно да застанам на бина, да ја почувствувам сцената. Кога ги гледа моите фотографии од натпревари, Ева постојано ми вика повторно да се натпреварувам. Никогаш не велам никогаш, раскажа Мојсоски.

Вики Клинчарова

Поврзани новости