Не грижи се, јас безбедно стигнав!

by fokus

На денешен ден пред 14 години, балканската музичка ѕвезда Тоше Проески трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, на пат кон Загреб, на 26-годишна возраст. На годишнината од неговата смрт, регионот се сеќава на момчето со ангелски глас од Крушево, на неговата харизма и хуманост со која ги допре срцата на сите. Да беше жив, ќе имаше 40 години.

Песните на Тоше, чиј успех на музичката сцена се уште не е надминат, се слушаат секојдневно не само во земјава, туку и во соседството, каде беше доста популарен.

Денес пак, во негова чест, социјалните мрежи се преполни со негови фотографии, цитати, видеа од концерти, настани.

Една песна, која за прв пат се објави, со посвета за Тоше, уште во далечната 2008 година, на една од страниците наменети на неговиот лик и дело, со наслов ,,Не тугуј, морао сам да кренем”, а која потоа беше преведена и на македонски јазик, се уште останува од најобјавуваните, кога е Проески во прашање.

Она што се знае за истата е дека авторката е извесна Билјана од Србија, а потоа на македонски јазик била преведена од штипјанка по име Наташа.

За неа е изработено и видео, објавено на музичкиот канал Јутјуб, и додека во позадина се слуша тивка инструментална музика, се редат фотографии од животот на Тоше, од најрано детство, па се до последните мигови, пропратени со испишаните стихови на песната.

,,Не тагувај, морав да одам” е еден вид на споменик од зборови за Проески, кој допре до многу срца, и останува да живее во нив. Во прилог, песната:

Не тагувај, морав да одам,

немој да се грижиш!

Понесов се што ми требаше за пат,

сите прегратки на мајка ми,

мудрите зборови на татко ми!

Сите денови од детството

што со сестра ми го поделив!

Сите драга лица,

милион детски насмевки!

Едно снежно зимско утро,

една блага топла летна вечер

во мојот двор!

Парче најубаво небо,

над мојата родна куќа!

Бокал ладна вода

од бистриот планински поток!

Една бела ружа,

еден црвен божур,

гранче босилок!

Зборови од една молитва,

едвај чујно изговорени во тишината

на една соба за тага!

И во душата бескраен мир,

пронајден зад древните свети ѕидови!

А оставив се што можам!

И кога во мигот на бескрајна,

болна осаменост

помислиш дека веќе

никој на светот немаш,

подигни го тешкиот и уморен поглед

кон сивото небо,

ќе видиш еден упорен сончев зрак!

што го разбива сивилото!

Тоа јас

одмарајки се од патот,

ти се јавувам да ти кажам

не грижи се

јас безбедно стигнав!

Вики Клинчарова

Поврзани новости