Не го оставаме Трајче на цедило, велат колегите откако до темел му изгоре кафаната

by fokus

Скопската кафеана Камин Кама, чиј сопственик е музичарот Трајче Толевски, познат на естрадата како Трајче Мајка, синоќа изгорела до темел.

Во немилиот настан нема жртви и повредени, а истиот бил пријавен во Противпожарната служба од страна на соседи, кои први ги забележале огнените пламени кои се ширеле со голема брзина.

Кафеаната важеше за популарно збиралиште на македонската фолк естрада.

Речиси да нема фолк музичар од земјава кој некогаш не гостувал таму, па веднаш по случката, голем број на наши пејачи на социјалните мрежи отворено порачаа дека ќе сторат се што е во нивна можност за да му помогнат на колегата Толевски, што е можно побргу да го реновира уништениот локал.

-Не го оставаме Трајче на цедило. Се уште е рано, настанот е од вчера, се немаме координирано, но секако дека стоиме на располагање. Дали ќе донираме на сметка, кој колку може, или пак ќе се договориме да направиме концерт од кој средствата ќе бидат наменети за обновување на кафеаната, треба дополнително да се организираме – велат наши пејачи.

Толевски пак, на социјалните мрежи објави фотографии од руинираното место. Извести дека објектот нема да биде отворен додека траат градежни работи, како последица од пожарот, а за повторно отворање дополнително ќе информирал.

Вики Клинчарова

Поврзани новости