Не ги оставам другарите на цедило, кажуваше Бени за СДСМ, кога партијата беше во опозиција

by Fokus

Арбен Шаќири, односно музичарот Бени Нон Стоп, и актуелен кандидат за градоначалник на Град Скопје на ДОМ и ЛДП, со години наназад беше дел од музичките гости кои настапуваа на митинзите на СДСМ. Неговата поддршка за политиките на партијата не беше само на музичката сцена, и тој никогаш не криеше дека му е блиска политичката идеологија на СДСМ. Затоа, вчера како изненадување дојде веста дека на претстојните избори ќе ги мери силите со кандидатот и актуелен градоначалник на Скопје од редовите на СДСМ, Петре Шилегов.

Во времето кога СДСМ беше во опозиција, познато е дека Шаќири јавно апелираше и го повикуваше народот да се приклучи кон Шарената Револуција, на која како еден вид на неофицијална химна се пееше неговата песна ,,Нема правда, нема мир”.

Исто така, беше дел од видео спотот ,,Излези за европска Македонија” за поддршка на Референдумот, и тогаш за ,,Фокус” порача дека се работи за надпартиска работа и за иднината на Македонија.

Во интервју за ,,Фокус” пак, од 2016 година, кога СДСМ се бореше за власт, тој раскажа дека настапува на митинзите на СДСМ, бидејќи се согласува со ставовите на партијата.

-Што се однесува до хонорарот, се разбира дека е важен, затоа што секој од нас треба да го подобри квалитетот на живеењето, што значи дека ако нема хонорар, тогаш тие од маркетите сигурно нема да ми дозволат да изнесам надвор полна количка со намирници, само со едно покажување на членска книшка или евентуално докажување на симпатии кон една или друга партија, иако за волја на вистината, со години наназад немам наплатено ниту денар за моите ангажмани во склоп на соработката со СДСМ!

Јас сум комунист и не можам туку-така да ги оставам моите другари на цедило кога им требам. Тоа не е другарски, а сега, постоењето на други правила во спротивниот табор, тоа е нивно право на избор! Јас верувам во моите постапки!-појаснуваше пред пет години Шаќири.

Музичарот се најде во центарот на вниманието кон крајот на ноември, 2019 година, кога стана актуелна неговата амбиција за јавна функција, за позицијата директор на МКЦ. Откако потврди дека аплицирал за директор на Младински културен центар, веста наиде на бурни реакции од културните работници, кои во отворено писмо до премерот Зоран Заев порачаа како Бени го нема потребното искуство да раководи со институцијата, а набргу потоа градоначалникот Петре Шилегов го поништи конкурсот.

-Не, секако дека не сум разочаран, тоа е одлука на градоначалникот и треба да се почитува. Дали е исправна или не, треба да видиме, времето ќе покаже… На следниот конкурс повторно ќе си конкурирам, затоа што тоа е мое законско и граѓанско право, но и обврска – ни одговори Шаќири на прашањето дали е разочаран, пред три години, кога не стана директор.

Вчера пак, кога коалицијата на ДОМ и ЛДП го претставија како нивни кандидат за градоначалник на Скопје, тој изјави дека бил активен учесник во рушење на режим, но како граѓанин на Скопје, лично бил изневерен.
-Доста молчевме и доста дозволувавме да доаѓаат маргиналци, да нè водат во пропаст. Конечно на Скопје му треба нормален градоначалник и нормален прв човек и носител на листа во Советот на Град Скопје-порача тој на вчерашната промоција.

Со цел да добиеме повеќе детали околу мотивите на рокерот Шаќири да влезе во трка за градоначалник, но и негово мислење за она што претстои на изборите, кога довчерашните другари ќе се најдат во улога на ривали, се обидовме да стапиме во контакт, но до објавата на веста тој не одговори на нашите пораки.

Вики Клинчарова

Поврзани новости