Не е важно каде, туку важно е што ќе се вакцинираме, велат музичарите кои утре заминуваат во Ниш на бесплатна вакцинација

by fokus

Голем број на музичари од земјава утре ќе заминат во Ниш, соседна Србија, на бесплатна вакцинација против Ковид-19.

Вакцинирањето ќе се случува во Спортскиот центар ,,Чаир” во Ниш, а предвидено е бесплатната вакцина да ја примат голем број на наши угостители, угостителски работници, естрадни уметници и туристички работници. Овој потег доаѓа како резултат на соработката помеѓу НУК – Независна угостителска комора со Српската стопанска комора.

-Има голем интерес, сигурно стотици естрадни работници од земјава ќе се вакцинираат утре во Ниш. Информацијата ја добивме со мало задоцнување, терминот за вакцинацијата е денес и утре, и бидејќи за денес ни беше доцна да се организираме, заминувањето во Ниш ќе се случи утре – за ,,Фокус” вели Горјан Стојановски, претседател на Здружение на естрадни уметници на Македонија – ЗЕУМ.

Помеѓу нашите музичари владее расположение за примањето на вакцината. Некои од нив, со кои разговаравме, велат дека првично помислиле дека вакцинирањето ќе се случува во скопски Чаир, но кога подоцна им било појаснето дека не станува збор за Скопје, туку за спортскиот објект ,,Чаир” во Србија, воопшто не биле поколебани да заминат.

-Не ни е ниту важно каде ќе се одвива вакцинацијата, важно е што во овој период се помисли и на нашето здравје, и ни се овозможи да добиеме бесплатна заштита од вирусот. Поголемиот дел од естрадата е расположен за вакцинирање и благодарни сме на НУК за заложбите и за нашата бранша – велат музичарите.

Вики Клинчарова

Поврзани новости