Не е точно дека нема протокол за лекување на пациентите заразени од ковид, вели Филипче

by Fokus

Тврдењата дека не постои протокол за лекување на пациентите заболени од Ковид-19 се неточни, истакна министерот за здравство Венко Филипче.

Во нашата земја, во моментов околу 1.000 пациенти се на болничко лекување, а капацитетите се најоптоварени во Тетово и Гостивар, каде е и најмал бројот на имунизирано население.

Во однос на тврдењата дека пациентите не се лекуваат по протокол, министерот Венко Филипче изјави дека во секоја здравствена установа во земјата има протокол, препорака, терапија и индикација за терапијата, а пациентите се соодветно лекувани.

„Никаде нема унифициран пристап за лекување од Ковид. Некаде има препораки, во зависност од клиничката слика на пациентот“, рече тој, додавајќи дека најзастапена возрасна група на хоспитализирани пациенти е онаа над 60 години, а од смртните случаи најголем број се граѓани постари од 70- годишна возраст, кои имале и други придружни сериозни болести како карцином како нерегулиран дијабетес, срцеви заболувања или биле подложни на повеќе хируршки интервенции.

„Нашиот систем, за лекарите и медицинските сестри, е во секој Ковид центар да има експерт, специјалист, пулмолог или интернист од областа на пулмологијата или инфектолог и тие работат по истите препораки“, истакна Филипче.

Поврзани новости