Не е патриотизам ситење на смртта на деца, пријавете говор на омраза

by fokus 12:45
12:45

Пожарите во соседна Грција однесоа десетици жртви, а се стравува дека бројот сеуште ќе расте. Многу луѓе останаа без своите домови, загинаа деца, жени… И додека Грција се соочува со катастрофалната непогода, говорот на омраза на социјалните мрежи кај нас не стивнува.

Радост и ситење на туѓата несреќа, отсуство на сочувство и ѕверски коментари во кои се оправдува смртта на деца и се посакува истата на цела една нација ги преплавија социјалните мрежи.

- Advertisements -

Сите граѓани кои што сакаат да пријават говор на омраза, тоа можат да го сторат на следниот линк

http://govornaomraza.mk/reports/submit

По пријавувањето, пријавата се разгледува од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија. Доколку сте ги внеле Вашите лични податоци, Хелсиншкиот комитет може да ве контактира во текот на разгледувањето и проверката на пријавата. По потврдата, Вашата пријава ќе биде прикажана на страницата (без прикажување на Вашите лични податоци).

Од февруари 2014 во Република Македонија стапија во сила нови законски одредби кои забрануваат и казнуваат говор на омраза и ширење на материјали преку интернет кои промовираат или поттикнуваат омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група, врз која било дискриминаторска основа.

Деновиве се повеќе јавни личности и политичари упатуваат повици да завладее разум и хуманост и како политичките разлики не смеат да имаат влијание врз хуманоста и човечноста. Се апелира да се запре со говорот на омраза, кој е кривично дело во Република Македонија.

Револтирана од клетвите и говорот на омраза од страна на многу наши граѓани, упатен кон грците кои се соочуваат со трагичните пожари изминатите денови, и поп пејачката Елена Петреска Толевска јавно се огласи и порача дека лошотијата не треба да се оправдува со патриотизам.

На својот официјален Фејсбук профил таа им упати порака на сите оние кои деновиве на социјалните мрежи се радуваат на туѓата несреќа, дека не постои оправдување за такво нешто.

-Јас се молам и сочувствувам за Грција, но се молам и за разумот на овој наш народ најлош на свет! Народ со ниска свест, со ниски страсти, манипулативен… оправдувајќи ја својата лошотија со патриотизам! Искрено, ми се гади, за прв пат посакувам да си одам од оваа држава, не за пари, туку за љубов! Секој што ќе се обиде да ми пиши било какво оправдување за своите ставови ќе биде блокиран, не ме интересира вашето изопачено мислење со кое се радувате на туѓа несреќа!

Ова е мојата химна, напиша Елена, објавувајќи ја легендарната песна ,,Замисли’’ од Џон Ленон.

Вики Клинчарова

Поврзани новости