НДМ: Прекинете ги преговорите, ние го имаме решението за медиумите

by fokus

Народното движење за Македонија денеска на прес конференција ги повика ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да ги прекинат преговорите за медиумите и предложи свое решение по кое веднаш би можело да се одржат изборите.

-Поради ова, НДМ презема поактивна улога за да помогне во изнаоѓање на решение за медиумите кое ќе ни овозможи на сите овој проблем да го сметаме за проблем на минатото и најпосле да излеземе на избори во декември. НДМ бара преговорите за медиумите веднаш да прекинат, бидејќи несогласувањето меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ги доведува во прашање изборите во декември 2016, рече Ѓорги Тодоров, член на Извршниот комитет на НДМ.

НДМ предлага утврдување законска обврска за медиумите без финансиски надомест од партиите рамномерно на дневна основа да го распределат времето во 20-дневната изборна кампања на сите партии учеснички во изборите. Со цел приватните медиуми да не трпат финансиска штета, следните избори целосно да се финансираат од буџетот и на медиумите да им се додели еднократен паричен износ од буџетот како обештетување заради тоа што рамномерно ќе го распределат времето во изборната кампања без надоместок од партиите кои учествуваат на изборите.

Поврзани новости