Навални преместен во казнена колонија, на 200 км од Москва

by fokus

Еден од главните критичари на Кремљ Алексеј Навални, пристигна во казнена колонија, на 200 километри источно од Москва, каде што е префрлен на издржување на казната, соопшти денеска москвската Јавна комисија за надзор (ОНК).

„Алексеј Навални пристигна во рускиот казнено-поправен дом во регионот Владимир каде ќе ја издржува казната“, се вели во соопштението на ОНК.

Генералниот секретар на Комисијата Алексеј Мељников, за Интерфакс изјави дека Навални, осуден на две и пол години затвор, прво ќе биде ставен во карантин некое време, а потоа ќе биде префрлен во една од казнените колонии во регионот. Според извори на ТАСС и Рија Новости, Навални наскоро ќе биде префрлен во казнената колонија број 2, лоцирана во градот Покров, во регионот Владимир во европскиот дел на Русија, пренесува Хина.

Според руските медиуми, „вообичаените правила“ важат во овој вид колонија, што значи дека условите во затворот се нешто помалку тешки отколку во другите одделенија и дека околу 800 затвореници таму издржуваат казна.

Поврзани новости