Наумов: Македонија со историски највисок јавен долг, институциите кријат

by Фокус

Јавниот долг на државата од  4,33 милијарди евра е всушност 47,2% од БДП, што е уште еден историски неуспех на креаторите на економските политики во Македонија – вели дополнителниот заменик министер за финасии во оставка Кире Наумов.

Освен тоа, Наумов  во писмената изјава тврди дека секторот за јавен долг и Министерството за финансии со манипулации се обидуваат да прикажат дека јавниот долг се намалил, иако тој за три месеци се зголемил за 105 милиони евра.

-Во нормални околности износот на проектираниот БДП во овој момент треба да изнесува 9.176,3 милиони евра, како збир на предвидениот БДП од  прв квартал од 2016 година со соодветниот раст и реализациите од вториот, третиот и четвртиот квартал од 2015 година –  вели Наумов.

Наумов истакнува дека никаде во светот износот на јавниот долг како процент од БДП во соодветниот квартал, не се пресметува во сооднос со проекцијата за растот на БДП до крајот на годината, туку се пресметува врз основа на податоците за последните четири квартали.

Од Министерството за финансии пак реагираа дека не е точно дека никаде не се користи таа методологија, туку дека било различно од земја до земја. Од таму тврдат и дека јавниот долг е намален 46,5 на 45 отсто  од БДП, а потенцираат и дека Македонија била петта најмалку задолжена земја во Европа.

Поврзани новости