Наум Петрески за пеењето на митинзи: Полни сме со кредити, од музика живееме, а не од политички идеали!

by fokus

Долги години наназад, фолк ѕвездата Наум Петрески е дел од музичарите кои настапуваат за време на митинзите и настаните организирани од ВМРО ДПМНЕ. Завчера во Охрид, за време на митингот на претседателската кандидатка Гордана Силјановска Давкова, тој пееше пред присутните, а вечерва пак ќе запее на митингот во Неготино.

Неретко, музичарите кои настапуваат на партиските митинзи, без оглед за која политичка партија се работи, стануваат мета на критики од јавноста. Обвинувања дека ја мешаат политиката во естрадата, дека се обоени во боите на партијата за која настапуваат, дека земаат дебели хонорари и слично, може да се прочитаат на социјалните мрежи.

Околу тоа која е причината што Петрески редовно пее на политичките настани организирани од страна на ВМРО ДПМНЕ, музичарот за „Фокус” раскажа зошто е дел од кампањите, уште од осамостојувањето на земјата.

-Милион пати сум кажал и сите знаат дека ние живееме од пеењето, а не од идеалите кои ги наметнуваат политичарите! Тие кои сакаат да не напаѓаат, нека помислат дека ние ги храниме нашите деца со тешко заработени пари. Немој да мислат дека само фати го микрофонот и пеј си. Имам над 300 снимки и се уште вложувам во музиката, во просек некаде од 1.000 до 3.000 евра од песна, нека видат колку заработуваме, а колку ќе останат… Сите сме полни со кредити, и ретко кој пејач има пензиско – инвалидско осигурување. Значи, естрадата не функционира исто како и државата, која треба како сите нормални и цивилизирани земји да ги заштити своите уметници кои допринесуваат, ја претставувале и ја претставуваат земјата секаде низ светот! Од почетокот на осамостојувањето, се направија испревртено и нелогично, па сега тоа е одраз на ова што ни се случува на сите тука. Затоа ќе си ги испратиме нашите деца во други држави каде што се цени вистинската вредност и ќе жалиме што и ние кога сме можеле, не сме отишле што подалеку од тука – ни раскажа Петрески.

Голем е бројот на познати музичари кои во текот на својата кариера пееле на партиски митинзи. Сузана Спасовска, Калиопи, Бени Шаќири, Елена Ристеска, Гоце Арнаудов, Ребека, Миле Кузмановски, Андријана Јаневска, Владо Јаневски, Јордан Митев и многу други застанале пред толпата народ за време на политички кампањи и ги забавувале присутните.

Но, сепак, во претходни разговори за „Фокус” повеќето од нив тврдеа дека не пејат поради партиски идеали, туку исклучително поради пари.

Единствено Бени Шаќири, во интервју од пред три години ни изјави дека со години наназад не наплатил ниту денар за неговите ангажмани во склоп на соработката со СДСМ, бидејќи не ги оставал другарите на цедило кога им требал. Околу тоа, да се пее на било каков настап без хонорар, поради политички идеали, Наум вели дека кај него ситуацијата е јасна, тој е пејач и живее од музиката.

-Јас живеам од пеењето, а за Бени и другите кои изјавуваат дека пееле бесплатно, што друго да кажам освен дека изгледа Господ ги храни – изјави музичарот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости