Наум Петрески му одговори на крушевскиот градоначалник: ЈАС ЗАРАБОТУВАМ СО ПОТ, А НЕ СО ФОТЕЉА ПОДАРЕНА ЗА ЛЕПЕЊЕ НА ПЛАКАТИ

by fokus

Откако вчера градоначалникот на Крушево, Ѓорги Дамчески јавно преку ,,Фокус,, му порача на фолк пејачот Наум Петрески дека направил циркуз, затоа што преку социјалните мрежи обелоденил дека Општина Крушево му го нема исплатено хонорарот за настап на манифестацијата Етно град која што се одржала на 26 јули, се јави и популарниот пејач. Тој потврди дека парите ги добил на сметка вчера, дури откако јавно реагирал, и му порача на Дамчески да не ги меша политиката и музиката.

,,Дури денес се легнати парите на сметката, и тоа дури после колку денови… Ама што може да се очекува од таквите луѓе, само лаги и измами! Јас да бев на негово место, ќе ги исплатев од свој џеб, па ќе ги чекав парите од Министерство за култура, како голем градоначалник. Ама очигледно си мислеше дека ќе премолчиме, како што тоа го сториле многумина претходно. Доста беше наведната глава, редно е да се каже вистината! За него е циркуз, а за нас е преживување секоја паричка што макотрпно ја вадиме со пот и работа, а не со фотеља подарена за лепење на плакати и рекламен партиски материјал! Јас имам над 350 песни кои што ќе останат во историјата на нашата музика, од која што некогаш ќе учи нашата младина, додека таквите како Дамчески ќе бидат заборавени и фрлени на буништето на вечноста!,, – ни изјави Петрески, додавајќи дека се ќе се решело на побезболен начин, доколку градоначалникот му се јавел и го замолил за трпение.

Како мало потсетување, целиот настан започна пред неколку дена, откако Наум го обвини Дамчески дека е срамота што сеуште му го нема исплатено хонорарот за настап, по речиси два месеци од крушевската манифестација Етно град. Дамчески се правдаше дека Наум прави циркуз, бидејќи парите ги обезбедувало Министерството за култура, а не лично тој, градоначалникот. Станува збор за сума од 1.500 евра која што Наум треба да ја подели со сопругата Зуица Лазова и со Тата Мата Бенд.

Вики Клинчарова

Поврзани новости