Национална еко акција „Генералка викенд“ за позелена татковина

by Fokus

Еко акција за позелена татковина ќе се одржи од денеска до 9 мај, во вкупно десет општини во државата, Крушево, Охрид, Дебар, Демир Капија, Куманово, Гевгелија, Крива Паланка, Струмица, Штип и Велес, а со поддршка од компанијата Пакомак, Министерството за животна средина и просторно планирање и од Министерството за земјоделие и шумарство.

Оваа акција насловена „ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД“ е поддржана и од Делегацијата на Европската Унија Скопје преку нивниот проект „За чисто како дома исто“.

Според министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, спроведување на ваква масовна акција за чистење на отпадот се случува во вистинско време – по продолжениот празничен викенд кога голем дел од граѓаните го поминаа на отворено во природа.

Тој изјави дека идејата за спроведување на организирани, континуирани активности за собирање на отпад во нашата околина, почнувајќи од домовите, дворовите и најблиските излетнички места, ја смета како добар начин за развивање на позитивни навики и однесувања и соочување со несоодветното и неодговорното постапување со отпадот кој самите го создаваме.

-Со овој проект, кој доби сестрана поддршка од Министерството за животна средина од самиот почеток, се визуализира уште еден битен момент, а тоа е важноста од воспоставување на добра соработка помеѓу државните институции, локалната самоуправа, бизнис заедницата и граѓаните во постигнување на саканата цел, рече Нуредини.

Ико Брдаровски од Пакомак истакна дека компанијата во изминативе години секогаш ги подржувала и ќе ги подржува активностите од активистите кои што искрено се залагаат за почиста животна средина.

-Тие се дел од нашата мисија од еден во ден да создаваме почиста животна средина за нас и нашите поколенија. Се надеваме дека оваа акција организирана од Гордана и Ханес ќе прерасне во традиција и во годините што следат со заеднички сили ќе го едуцираме населението во Македонија за правилната селекција и одлагање на отпадот, смета Брдаровски.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа, посочи дека со активностите кои ги презема Владата, но и невладиниот сектор, ќе се постигне многу придвижување во правец на подигање на свеста кај сите граѓани.

-Во соработка со „Национални Шуми“, ќе обезбедиме донација во садници, кои ќе бидат засадени оваа есен, на локација која заеднички ќе ја избереме. Нашата порака до сите е дека треба да го чуваме секое дрво, да се грижиме за шумите, да ја чуваме природата и да ја обновуваме. Се надевам дека со ваквите активности, ќе влијаеме на свеста кај сите граѓани, зошто само заеднички можеме да се надеваме на успех, изјави Хоџа.

Според Борјанчо Мицевски градоначалникот на Крива Паланка, со оваа акција планот е освен јавните површини во градот да се расчистат и поголем број на излетнички места и локалитети, туристичкиот центар „Калин Камен“, околината на манастирот „Св.Јоаким Осоговски“, патни правци кои водат до нив, кои околу претходните првомајски и велигденски празници беа најпосетени.

-Во таа насока е и апелот од мое лично име и од име на Општина Крива Паланка дека како општина која гради европска иднина и е земја кандидат за членство во ЕУ, да се вклучиме сите и масовно и на дело да покажеме и докажеме дека се грижиме за нашата животна средина, дека ги почитуваме европските регулативи, а воедно и влијаеме на еко состојбите на глобално ниво. Со тоа на еден пригоден начин креираме здрави животни навики, а од друга страна го прославуваме Денот на Европа, додаде Мицевски.

Поврзани новости