Нацев со државни пари си купувал протеини, машки капути, наочари за сонце и рачни часовници

by fokus

Поранешниот директор на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, Александар Нацев, „заработи“ кривична пријава за злоупотреба на службената положба. Тој се товари дека го оштетил буџетот на државата за околу 17.000 евра, пари кои ги употребил за лични потреби.

„Фокус“ дознава за што Нацев ги потрошил средствата кои биле наменети за репрезентација, односно за патни и дневни расходи во рамки на својата работа. Според полицијата Нацев набавувал стоки и услуги кои не биле поврзани со работењето на Дирекцијата.

Пред се, само за угостителски услуги Нацев потрошил 7.585 евра, средства што не биле оправдани дека се направени за потребите на Дирекцијата.

Во време на своето директорување тој со државни пари купил два рачни часовници, едниот со вредност од 6.990 денари, додека другиот во вредност од 9.700 денари, или 155 евра.

Со парите наменети за репрезентација тој купил и наочари за сонце од 5.900 денари, парфем од 4.100 денари, чевли од 6.990 денари.

За машки капути тој потрошил 17.130 денари, додека за панталони и џемпери 17.250 денари. Дополнителни 12.390 денари потрошил за брендирана облека.

Нацев со државни пари купувал протеински капсули и протеински производи, како и спортски обувки за што потрошил вкупно 8.820 денари.

Само под ставка ненаменски трошоци, според податоците од истрагата, Нацев потрошил 156.398 денари. Во бензиските пумпи на Макпетрол, поренешниот директор наточил гориво во износ од 4.460 евра, додека 200 евра дополнително за свои лични потрби.

Вкупната штета која и ја нанел на државата, според кривичната пријава, изнесува 27.661 евра. Полицијата го товари и дека без да спроведе постапка за јавна набавка, со свесно намалување на набавките на износи до 500 евра без ДДВ на месечно ниво, со средства од буџетот на Дирекцијата извршил набавки на стоки и услуги од пет правни лица и со тоа им овозможил да се стекнат за имотна корист во вкупен износ од 660.594 денари.

М.В.

Поврзани новости