НАТО викендов во Берлин ќе крои стратегија за Русија

by fokus

Министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО овој викенд ќе се состанат во Берлин за да разговараат за долгорочна стратегија за Русија и  можниот влез на Финска и Шведска.

Геополитичкото влијание на НАТО нагло се зголеми по руската инвазија на Украина и наскоро би можело да добие нови членки.

Владејачката Социјалдемократска партија во Финска денеска ќе го објави својот став за евентуалното пристапување во НАТО. Финскиот државен врв во четвртокот објави дека Финска мора да поднесе барање за членство во НАТО „без одлагање“.

Шведските владејачки социјалдемократи во недела треба да одлучат дали ќе се откажат од децениското противење на членството во НАТО, што речиси сигурно ќе доведе до тоа Шведска да побара членство во Алијансата.

Шефовите на шведската и финската дипломатија Ен Лиде и Пека Хаависто треба да присуствуваат на состанокот на НАТО.

Данска, Норвешка и Исланд се членки на НАТО од неговото основање.

Москва вели дека проширувањето на НАТО со Финска и Шведска ќе биде непријателски гест и ќе претставува дополнителна закана за нејзината безбедност, поради што најави дека ќе одговори на тој потег.

Кандидатурата на Финска и Шведска треба да биде одобрена од сите 30 земји.

Поврзани новости