НАТО очекува спроведување на реформите, порака пред посетата на Заев

by fokus

НАТО сака да ја стави Македонија под свои закрила, но не без претходно спроведување на бараните реформи. Оваа порака ќе му биде испратена на премиерот Зоран Заев во понеделник, во Брисел, на средбата со генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, објави ТВ21. Извор од Северно-Атлантскиот пакт за ТВ21 вели дека од новата влада на РМ очекува спроведување на реформите.

„Ние (НАТО) ќе ги поддржиме напорите за што поскоро спроведување на реформите, вклучително и реформите за владеење на правото, објаснува нашиот извор.

Реформите ќе ја направат земјата (Македонија) посилна и подемократска. Нашите врати остануваат отворени и нашата одлука од  (Самитот) Брисел се уште стои, и истата е повторена на Самитот во Варшава во Јули 2016 година“, вели за ТВ21 висок функционер на НАТО кој остана анонимен.

Премиерот Зоран Заев во понеделник ќе има официјални средби со високи претставници на ЕУ, вклучувајќи го и еврокомесарот Јоханес Хан, шефицата на дипломатијата, Федерика Могерини и претседателот Жан Клод Јункер. Заедно со премиерот, во Брисел ќе отпатуваат и вицепремиерот Бујар Османи, министерската за одбрана, Радмила Шеќеринска и шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров. Инаку, вчера руската информативна агенција Спутник, извести дека Македонија ќе стане 30-та членка на НАТО на почетокот од 2018 година. Овој медиум информира дека Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, планира да го посети Скопје кон средината на Јули. Целта на НАТО е Македонија да биде примена во Алијансата пролетта, 2018 година, пишува Спутник. Меѓутоа, извори за ТВ21 велат дека политичкиот шеф на НАТО не планира наскоро официјална посета на Скопје.

Поврзани новости